Многу трудници се прашуваат дали е безбедно да ја фарбаат косата за време на бременоста. Според Националната здравствена служба на Велика Британија, повеќето истражувања, иако ограничени, покажуваат дека тоа е безбедно.
Безбедно е и фарбањето на косата додека доите, велат тие. Многу малку од хемикалиите што се користат во бојата на косата влегуваат во вашиот крвоток, па затоа е малку веројатно дека значителна количина ќе се пренесе со мајчиното млеко, пренесува The Sun.
„Ако жената вообичаено ја фарба косата и претходно користела фарби, нема научно утврдена причина зошто да престане да ја фарба косата за време на бременоста, под услов да продолжи да ги следи упатствата за употреба. Секогаш правете тест за можни алергии 48 часа пред секое нанесување на бојата, дури и ако претходно сте користеле иста марка боја“, вели фризерката Кети Роџерсон.
И трихологот Сали-Ен Тарвер ги поддржува овие ставови и вели: „Косата станува посилна и поздрава за време на бременоста и всушност полесно ја толерира бојата“.
Сепак, експертот за боење коса Бруно Елориоз вели дека жените треба да почекаат до второто тримесчје од бременоста за да ја бојадисаат косата.
„Промените во нивото на хормоните можат да влијаат на тоа како реагирате на бојата, дури и ако ја користите со години. Ова е особено важно ако користите боја што се нанесува директно на скалпот. Сепак, постои поголем ризик од алергија на хемикалијата PPD (парафенилендиамин) и пред секое боење на косата потребно е да се направи тест со лепенка за алергија на PPD“, советува тој.
Можете да почекате со фарбањето на косата до 13 недела од бременоста, кога ризикот хемиските материи да му наштетат на детето е многу помал.