Би можело да ве интересира: Голем конкурс за вработување во Жикол – се бараат 30 кандидати!
Невработени лица имаат можност да го дооформат нивното средно стручно образование преку најновата пилот програма „Втора шанса“, информираат од Агенцијата за вработување.
– Програмата се спроведува во рамки на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, финансиран од Европската Унија, спроведуван од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Преку „Втора шанса“, 200 граѓани од земјава ќе имаат можност да го завршат своето средно стручно образование. Оваа програма ќе се спроведе од страна на средни стручни училишта за машинска, електротехничка, угостителска и градежна струка, се наведува во денешното соопштение.
Во тек е кампања што Агенцијата ја спроведува за информирање на јавноста, преку организирани средби во сите региони во државата.
– Врз основа на податоците со кои располагаме и со намера да им се помогне на невработените лица со пониски квалификации и пониско ниво на образование, оваа пилот програма беше конципирана и отворена како можност за невработени лица со незавршено средно стручно образование – 3-та година од стручното образование за занимања – тригодишно образование, или 4-та година од техничкото образование – четиригодишно образование. Заинтересираните лица при пријавувањето треба да приложат оригинал од свидетелствата што ги имаат. Сите лица кои ќе бидат селектирани и ќе учествуваат во програмата „Втора шанса“, ќе добијат диплома за завршено средно стручно образование, која не ја стекнале додека биле вклучени во редовниот образовен процес, објаснува во пишана изјава Наташа Здравковска, координатор на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“.
Во тек е отворен оглас за пријавување, сѐ до исполнување на предвидениот опфат од 200 учесници.
– Може да се пријават невработени лица кои немаат завршено средно стручно образование и спаѓаат во ранливите целни групи на проектот. Корисници на гарантирана минимална помош, млади лица до 29 години, Роми, жени, лица со попреченост и долгорочно невработени лица – над 12 месеци во евиденција. Заинтересираните кандидати треба во најкраток можен рок да се пријават во центрите за вработување, каде редовно се евидентираат како невработени лица. Поднесувањето на пријавите можат да го направат секој работен ден од осум до 14 часот, се додава во соопштението.
Извор: skopjeinfo.mk