Во изданието на „Службен весник“ од 12 јануари објавена е одлука, со која се определува висината на посмртнината и износите што секој месец им се сопираат на пензионерите од нивните пензии. Се работи за Одлука за времено определување на висината на задршката за солидарен фонд – посмртна помош, членарина и висината на исплатата на посмртна помош, донесена од Одборот на Солидарниот фонд.
Според Ментор Ќоку од Сојузот на здруженијата на пензионери, одлуката е на четири пензионерски сојузи е времена, за периодот јануари – јуни 2023 година и определува исплата на 30.000 денари посмртнина, 150 денари месечна задршка за солидарен фонд и членарина од 30 денари, што е ист износ дваесетина години и повеќе.
- Нема промена во износите, туку донесувањето на времената одлука е со цел да се забрзаат административните процедури за исплатата. Во јуни повторно ќе ја разговараме за висината на месечната задршка и моја оценка е дека овој износ може да се намали за 10, 20 па и 30 денари,
изјави Ќоку.
Како што ни објасни, посмртнината што се исплаќа на семејството на починат член на некое од здруженијата од четирите Сојузи е износ што се префрла на една подсметка. Трошењето на овие средства било најинтензивно во двете години на пандемијата, кога речиси бил удвоен бројот на починати пензионери. Ако годишно во просек умираат по 1300-1400 членови и по за толку посмртнина се исплаќа, изминатите две години на Ковид во просек годишно починале над 2500.
Сега бројките полека се враќаат во нормала, но неизвесно е како ќе се одвива текот на пандемијата.
Солидарниот фонд и исплатата на посмртнината дојде во центар на внимание на јавноста откако беше донесена времена одлука за намалување на од 30.000 на 25.000 денари. Оваа одлука, како што објаснуваат со Сојузот на здруженијата на пензионери беше донесена поради тоа што се зголеми бројот на починати членови. Со цел сите семејства да добијат средства, одлучено е дополнително да им се исплати по 5000 денари, што и било направено.
Ќоку нагласува дека средствата за посмртнина се наменски, што Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ги прибира од корисниците на пензија. Износот се определува со ваква одлука, како што беше објавената во Службен весник од 12 јануари и потоа се врши исплата на средства од посебниот фонд.