Би можело да ве интересира: Дали користењето темпомат може да биде опасно?
По долги години, во Македонија лани драстично опаднал бројот на увезени половни автомобили од странство, за сметка на зголемениот број на увезени нови автомобили. Податоците на Царинската управа на РСМ за 2022 година покажуваат дека лани во земјава биле увезени 24.944 автомобили, заклучно со ноември 2022 година, при што 18.042 од колите се внесени во земјава како стари, додека автодилерите успеале да увезат 6.902 нови автомобили.
И покрај тоа што бројките за 2022 година не ги вклучуваат и податоците за декември, од нив може да се увиди скок на интересот кај граѓаните за купување на нови автомобили. За споредба, во сите 12 месеци од 2021 година биле увезени 5.815 нови автомобили, што е за 1.100 возила помалку од ланската година без декември. Со ваквите добри резултати, можно е земјава да ги надмине податоците од 2010 година, кога биле увезени 7.183 автомобили на ново. Ова значи дека 2022 година е рекордна година според продажбата на нови автомобили во Македонија во изминатава деценија.
Мета.мк ги спореди податоците од Царинската управа на РСМ за изминативе 13 години и утврдивме дека најголем дел од увезените автомобили и лани биле купени на старо од странски земји. Сепак, процентуалниот удел на половните возила во вкупниот увоз на коли во Македонија се намалил. Па така, 72,3 отсто од автомобилите увезени лани биле половни, додека 27,7 отсто биле увезени како нови. Ваква распределба кај увозот не е забележана претходно во изминатава деценија, бидејќи процентуалното учество на новите автомобили во годишниот увоз било максимално до 20 отсто.
Бројките наведени погоре не треба да бидат за изненадување, ако се знае дека всушност огромно мнозинство од увезените автомобили во земјава се всушност дизелаши. Во 2022 година имаше рекорден раст на цената на нафтените деривати, особено во текот на летото, а до денешен ден цената на литар дизел гориво на бензинските пумпи во Македонија е повисока од цената на бензинот, според податоците на Регулаторната комисија за енергетика. Заедно со порастот на цените на нафтените деривати, во земјава лани имаше значителен раст на инфлацијата, така што зголемените трошоци на живот примораа поголем број од граѓаните да се откажат од намерата за купување на ново возило.
Наспроти сеопштиот раст на цените во Македонија, и во европските земји, од каде што се увезуваат речиси сите возила на старо кај нас, во 2022 година беше забележан енормен раст на цената на половните автомобили. Блумберг уште во мај лани пишуваше дека вредноста на старите автомобили во Германија скокнала за 27 отсто во текот на април 2022 година, додека понудата на автомобили за купување опаднала за 18,5 отсто во споредба со истиот месец претходната година.
Целата анализа на порталот МЕТА