Минатата година не ја преживеале 6.857 компании, покажуваат податоците на БизнисМрежа.мк, со ажурирање до 17.1.2023 година. Ако се споредат овие податоци со 2021 година, тоа е речиси иста бројка. Во 2021 година згаснале 6.993 компании.
Ако се сумира 2022 година, и таа беше тешка за стопанствениците. Ги снема карантините од пандемијата, но светот влезе во голема економска криза, предизвикана од висока инфлација и од недостиг на енергенти, како последица на руско-украинската војна. Во 2021 година, по исклучително тешката 2020 година, Македонија оствари економски раст од 4 проценти и тоа беше најмал раст во регионот. За 2022 година, Државниот завод за статистика сѐ уште нема податоци за раст на БДП, но објавените податоци покажуваат дека во првиот квартал од 2022 година, во однос на првиот квартал од 2021 година, сме имале раст од 2,4 проценти, во вториот квартал раст од 2,8 проценти, а во третиот квартал раст од 2 проценти.
ТОП 5 дејности по затворени фирми во 2022 година
ДЕЈНОСТ | ЗГАСНАТИ ФИРМИ ВО 2022 ГОДИНА |
---|---|
ТРГОВИЈА НА ГОЛЕМО И ТРГОВИЈА НА МАЛО; ПОПРАВКА НА МОТОРНИ ВОЗИЛА И МОТОЦИКЛИ | 2.134 |
ПРЕРАБОТУВАЧКА ИНДУСТРИЈА | 882 |
ОБЈЕКТИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ И СЕРВИСНИ ДЕЈНОСТИ СО ХРАНА | 677 |
ДРУГИ УСЛУЖНИ ДЕЈНОСТИ | 624 |
ГРАДЕЖНИШТВО | 506 |
КЛУЧ СТАВИЛЕ И 5 ГОЛЕМИ КОМПАНИИ
Според големината, најголем дел од затворените компании се микрофирми – се затвориле 6.289, или 91,7 отсто од сите затворени фирми.
Но, меѓу затворените компании има и 5 големи фирми. Според Законот за трговски друштва, тоа се компании кои имаат над 250 вработени и имаат годишен приход од над 10 милиони евра.
Затворени и се 3 средни претпријатија. Според Законот за трговски друштва, тоа се компании кои имаат до 250 вработени и имаат годишен приход до 10 милиони евра.
Згаснати компании (по големина)
01.01.2022 ‒ 31.12.2022
ГОЛЕМИНА НА КОМПАНИИТЕ | ЗГАСНАТИ КОМПАНИИ |
---|---|
Голема | 5 |
Мала | 554 |
Средна | 6 |
Микро | 6289 |
Непознато | 3 |
ВКУПНО | 6.857 |
Извор: pari.com.mk