Студентите што досега не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк можат тоа да го сторат преку аплицирање на новиот јавен повик што Министерството за образование и наука (МОН) го објави вчера.
Конкурсот е достапен во системот „е-услуги“ на МОН и е отворен до 31 јануари, односно до вторник. Во делот „Конкурси – Образование“ може да се најдат повиците за секој универзитет посебно.
Би можело да ве интересира: Во Струшко учениците „онлајн“ - наместо за распустот, школите ги реновираат сега
На повикот може да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните високообразовни установи кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, апликантите треба да ги исполнат и условите: да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Потребните обрасци за аплицирање студентите можат да ги најдат во претходно објавениот повик на интернет-страницата на МОН, а Министерството по службена должност ќе ги обезбеди сите останати докази за исполнување на условите, кои ги поседуваат другите институции како МВР, АВРМ, УЈП и факултетите.
Инаку, студентите што го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк ги очекуваат субвенциите за декември. Министерството минатата седмица соопшти дека средствата по овој основ ќе бидат исплатени до крајот на месецот.