Добра вест за даночните службеници.
Покрај платата, ќе можат да земаат и додатоци на плата и тоа во висина од 30 до 60 проценти од главнината на нивната плата, доколку вршат работни задачи со посебна специфична тежина. Ќе можат да добијат и парична награда во висина до една просечна месечна бруто плата исплатена во земјава.
Сето ова е предвидено со предложените измени и дополнувања на Законот за Управата за јавни приходи, кој од неодамна се најде во собраниска процедура, и кој има повеќе цели што треба да се постигнат, но меѓу нив се уредуваат и звањата, како и платите на даночните службеници.
„Даночните службеници можат да добиваат до 30 отсто од основната плата како додаток на редовната плата во текот на месецот за посебната одговорност која произлегува од работното место кое е од особено значење за ефикасноста на УЈП. Министерот за финансии на предлог на директорот на УЈП, заради прилагодување кон условите на пазарот на трудот може да определи додаток на основната плата со поголем процент, и тоа за специфични работни места за кои се потребни специфични квалификации или специфични вештини, но најмногу до 60 отсто од платата. Специфичните работни места, на предлог на министерот за финансии, ги определува Владата“, се вели во предлог законското решение.
Ова, како што натаму се вели во текстот, мора да биде засновано на анализа која покажува дека платите на пазарот на трудот за таквите работни места се значително повисоки од платите на даночните службеници кои извршуваат исти работи, и вработувањето е отежнато, стапката на напуштање на работните места е неприфатливо висока или пазарот на трудот нуди ограничен број на квалификувна работна сила за таквата работа.
„Вработените може да добијат парични награди најмногу до една просечна месечна бруто-плата исплатена по работник во земјава, објавена во јануари во тековната година според податоците од Државниот завод за статистика, за постигнати исклучителни резултати во работењето од областа на оданочувањето. Начинот на наградување на вработените поблиску го пропишува министерот за финансии на предлог на директорот на Управата за јавни приходи во согласност со закон и колективен договор“, се вели во предлог законскиот текст.
Целиот текст прочитајте го на: faktor.mk