Оваа зима минува без некои позначителни снежни врнежи кои би формирале снежна покривка во градовите. Отсуството на снегот ќе има серија негативни ефекти во иднина од кои ќе трпиме последици. Дел од нив веќе се видливи.
Би можело да ве интересира: Намалена цената на дневниот билет на Попова Шапка
Агрономот Весна Севдинска вели дека поради релативно топлата зима бег снег ќе страда земјоделството, посебно житата.
„Снег треба да имаме во месец јануари, а ако немаме снег, немаме вода, тоа ќе се одрази на есенските посеви, но и на сите други земјоделски култури. И не само снег, потребни се и минусни температури, инаку се јавуваат штетници кои ги напаѓаат житата“, рече Севдинска.
Од Центарот за климатски промени велат дека сезонава огромен дел од зимските центри во Европа се без снег, па некои размислуваат дури и да стават клуч на врата. Додаваат дека веќе длабоко во јануари имаме пролетни температури, што краткорочно е поволно со оглед на акутната енергетска криза, но долгорочно ова ќе предизвика сериозни последици. Високите температури и отсуството на снежни врнежи глобално драматично ќе се одразат на хидролошката состојба, односно хидропотенцијалот.
„Проблемите се веќе видливи. Нашите хидроакумулации се речиси на граница на нивните критични коти. Во Албанија каде хидропотенцијалот учествува со над 90 отсто во вкупното производство на електрична енергија, се појави сериозен недостаток од електрична енергија кој не може да се обезбеди од други извори бидејќи ги нема, па земјата беше приморана да се снабдува од увоз. Со намалувањето на снежните врнежи и потоплите зими, се покренува прашањето дали треба сè уште да ја сметаме водата како обновлив извор на енергија и како да се користи во иднина за производство на електрична енергија со оглед дека имаме сè помалку вода во речните сливови. Дополнително ова е уште една причина за стопирањето на изградбата на мали хидро електрани кои ќе ги зафатат намалените водостои во реките и можат да предизвикаат изумирање на флората и фауната во одредени области, што би довело до целосно менување на биодиверзитетот“, велат од Центарот за климатски промени.
Секоја наредна година имаме рекорди во однос на максимално измерените температури. Глобалното затоплување полека си го наплатува својот данок. Од Центарот за климатски промени велат дека иако и на минатогодишниот климатски самит COP 27 во Египет, потврдена е согласноста за ограничување на глобалниот пораст на температурите на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво, сепак, превземените обврски од страна на земјите за намалување на емисиите на стакленички гасови се премногу слаби за да овозможат останување во рамките на границата од 1,5 степени Целзиусови.
„Во Македонија, во последните две децении се бележи константно зголемување на просечните температури. Имено, постои значително зголемување на бројот на денови со температури над 30°C и над 35°C, како и на бројот на ноќи со температури над 20°C (тропски ноќи). Исто така зголемена е и зачестеноста на појавување на топлотни бранови. Според тоа, земјата е подложна односно ранлива кога станува збор за ефектите од климатските промени, но исто така мора да се констатира дека има ограничен степен на подготвеност за справување со климатските промени, нивно ублажување и адаптација кон истите. Имајќи предвид дека земјоделството е традиционално една од најзначајните економски активности, мора да се има во предвид фактор дека одредени земјоделски површони ќе бидат под сериозна закана од опустинување, па во едни такви околности мора да се размислува за вклучување на нови земјоделски култури кои ќе бидат поотпорни на новонастанатите климатски услови. Иако сиромашните, малите земји се незначителни во однос на ефектот кој го имаат во предизвикувањето на климатските промени, за жал тие највеќе ги чувствуваат последиците. Изградбата на инфраструктура за заштита од поплави, зачувување на мочуриштата, зачувување на шумите и пошумување, како и многу други мерки, може да им помогнат на земјите да станат поотпорни на последиците од климатските промени. Од 100 милијарди долари годишно што богатите земји ветија дека ќе ги издвојуваат за посиромашните земји од 2020 година (ветување што сè уште не е исполнето), само околу 20 милијарди долари одат за имплементација на мерки за адаптација. Сепак, на COP27 уште еднаш е потврдена оваа обврска на развиените земји, надоградена со заложбата за основање на фонд за „загуба и штета““, додаваат од Центарот за климатски промени.
Деновиве снежна покривка од неколку сантиметри е регистрирана во Крушево, Берово, Делчево. За споредба во 2021 година, во февруари месец во Крушево е измерена покривка од 36 сантиметри. Во јануари 2019 година, во истиот град имало снежна покривка дебела 30 сантиметри. Во минатото имаше зими кога цели села беа отсечени поради снегот и воопшто не функционираше сообраќајот поради снежните наноси. Од друга страна, изминативе години преку лето во Гевгелија беа измерени температури од 44 степени.