Во наредниот период комисијата составена за таа намена ќе изврши евалуација на понудите, по што се очекува да има избрани авиокомпании со кои ќе се склучи договор за субвенции за нови летови
Визер, Луфтханза и Аегеан ерлајнс се трите авиокомпании заинтересирани за воспоставување нови авиолинии со владина финансиска поддршка од двата аеродрома во земјава. Барањата денес беа отворени во Министерството за транспорт и врски. Во наредниот период комисијата составена за таа намена ќе изврши евалуација на понудите, по што се очекува да има избрани авиокомпании со кои ќе се склучи договор за субвенции за нови летови.
Јавниот повик, распишан согласно регулативата на ЕУ за обезбедување фер и конкурентски услови, заврши на 26 месецов, а беше објавен на 20 декември лани. Повикот се однесува на периодот од 2023 до крајот на 2025 година.
„Понудената финансиска поддршка е со цел поттикнување на воздушниот сообраќај во државата. Треба да се обезбеди ‘квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање на поконкурентни и подостапни цени на билетите што директно подразбира нови дестинации за граѓаните на Северна Македонија’, се вели во известувањето од Министерството за транспорт и врски.
За таа намена годинава е предвидена финансиска поддршка од 1,1 милион евра, а ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба. Поддршка од седум евра во денарска противвредност ќе се исплатува по патник во заминување превезен од скопскиот аеродром и од 4,5 евра по патник од охридскиот аеродром.
Инаку, од Меѓународниот аеродром Скопје до 36 дестинации сообраќаат 11 авиокомпании Ер Србија, Аустриан ерлајнс, Кроација ерлајнс, Еделвајс, Чер ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Туркиш ерлајнс, ЛОТ, Егеан, Визер и Изиџет. Од охридскиот „Св. Апостол Павле“, пак, сообраќаат две авиокомпании и тоа Визер и Чер ерлајнс и тоа до четири дестинации.
Меѓународниот Аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид 2022 година ја завршиле со приближно 2,4 милиони патници и 19 448 летови. Двата аеродрома забележале 70 отсто пораст во патничкиот сообраќај во 2022, споредено со 2021 година, додека споредено со референтната година во воздухопловството, 2019 година, патничкиот сообраќај е на -11 отсто, односно 89 отсто стапка на закрепнување согласно статистиката на патничкиот авиосообраќај за 2019 година.