Денарот останува стабилен, а во следниот период не се очекуваат притисоци врз девизните резерви.
Здравоста на банкарскиот систем е зачувана, при што капитализираноста е соодветна и стабилна, додека нефункционалните кредити остануваат на ниско ниво. Ова се наведува во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард&Пурс“, во кој се потврдува кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед.
Агенцијата посочува на поволните трендови кај девизните резерви, коишто на крајот на 2022 година достигнаа 3,9 милијарди евра. Како што констатираат од „Стандард&Пурс“, во изминатите месеци цените на енергентите се стабилизираат, па оттаму не се очекуваат позначајни притисоци врз девизните резерви во текот на годината преку овој канал. Дополнително, според нивните очекувања, резервите ќе продолжат да растат, при очекувано стеснување на дефицитот на тековната сметка и финансиски приливи преку директни инвестиции и одредени должнички текови. Девизниот курс останува стабилен, и промени во курсот на денарот, не се очекуваат.
Од „Стандард и Пурс“ во извештајот за кредитниот рејтинг за земјава, наведуваат дека, за разлика од други земји во регионот, врските на финансискиот сектор на домашната економија со Русија се мали, со што изостануваат директни негативни преносни ефекти за домашниот банкарски систем од кризата.