Работодавачите бараат наместо за 30, боледување да плаќаат за 15 дена. Од Организацијата на работодавачи (ОРМ) велат дека до нив сè почесто пристигнуваат жалби од газди за злоупотреби со боледувањата. Тоа се случувало не само во приватниот, туку и во јавниот сектор.
Затоа сметаат дека тие, како работодавачи, треба за максимално 15 дена да го плаќаат боледувањето за работникот.
„Тоа се случува и во јавниот и во приватниот сектор. Второстепените комисии од фондот за здравство ги кратат боледувањата, по 15 дена даваат два-три дена како се излекувал, потоа добиваат боледување со друга дијагноза. И сето тоа е една јавна тајна, една злоупотреба која паѓа на товар на работодавачите. Затоа мислиме дека единствен начин тоа да се намали е да се скрати периодот кој е на товар на работодавачите. Злоупотребата не е само од страна на работникот, туку и на комисиите. Тука сите го штитат фондот“, вели Ангел Димитров, претседател на ОРМ.
Според Димитров, има други начини да се штити фондот, а не на овој. Сметаат дека предлог треба да биде разгледан од страна на Владата.
„Ние не можеме многу да очекуваме од труд и социјала. Тоа мора да се реши со законот за здравствено осигурување и мора идејата да се разгледа од највисоко ниво, од Владата. Ова не е начин да се штити фондот за здравство. Тоа треба да се прави со нови вработувања, повеќе плаќање на придонеси и намалување на сивата економија“, додава Димитров.
Неофицијално, околу 10 процени од парите во Фондот за здравство одат за боледувања. Во моментот се работи и на нов закон за работни односи за кои сè уште се води јавна расправа.