Над 4 милијарди денари или скоро 65 милиони евра лани биле исплатени за боледувања и надоместоци, само од Фондот за здравствено осигурување. Податоци за исплатени плати од газдите за работници кои користеле боледување – нема.
Тоа што и кај двете засегнати страни недостасува е евиденција колку од нив биле лажни , но од фондот потврдуваат дека има лица кои и 6, 7 па и 8 години не одат на работа, користејќи боледувања. По барањето на газдите да се скрати боледувањето од 30 на 15 дена кое го плаќаат тие, затоа што имало многу злоупотреби од страна на работниците, од Синдикатот велат дека нема да поддржат законски измени кои се на грбот на работниците. Работодавачите и во сегашниот закон за работни односи имаат можност да поведат дисциплинска постапка против вработениот, ако се сомневаат дека е здрав, а користи боледување.
Би можело да ве интересира: Занаетчиите инсистираат да работат во недела, синдикатот вели не е се во парите!
Има случаи на злоупотреби, но тоа не е толкав процент за да се менува законот за сите. Во предлог законот за работни односи и работниците и работодавачите имаат исти права и сега газдите со ваквото барање сакаат да не плаќаат тие, туку државата. Да, приватниот сектор е тој кој најмногу го полни Фондот за здравство, но со ова не треба да се генерализира дека сите кои се на боледување го кршат законот, изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Работодавачите се жалат дека дел од вработените користат боледување и по неколку месеци, на нивни грб. По истекот на 30 дена, паузираат ден, два, па потоа матичните им отвараат ново боледување со нова дијагноза. За тоа време, добиваат плата од 70 до 100%, која ја дава работодавачот. Ако се преполоват деновите кои го покриваат тие, остатокот од боледувањето ќе биде на товор на Фондот.
Да не заборавиме дека државата не е бунар без дно, додава Пешевски.
Злоупотреби со лажни боледувања има и во регионот. Во соседна Србиј,а според проценките на Сојузот на работодавачи околу 40.00 лица или 15% од боледувањата, лани биле несоновани. Нивниот закон предвидува отказ за вработениот ако го злоупотреби боледувањето.