Потребата од дополнителна работна сила на пазарот на труд, како што најавуваат од Владата ќе се решава со увоз на работници.
Ако сакаме да имаме економски раст и развој неопходна ни е работна сила. Економските експерти сметаат дека нема логика да увезуваме работна сила кога имаме висока стапка на невработеност од 14,2 отсто. Речиси да не можат да се најдат лица за работа во градежништвото, услужниот сектор и во голем број други индустрии. Од друга страна, пак работодавачите велат дека невработените поставуваат низа услови и не сакаат да прифата работа за плата под 30 илјади денари.
- Ние немаме закон кој ќе ги натера невработените да се доквалификуваат или преквалификуваат. Порано се правеше тоа со бришење на пасивните од списокот на активните баратели на работа, но со измените на Законот за здравствено осигурување, сите невработени добиваат здравствено и сега нема никаква можност да се натераат да прифатат доквалификација или преквалификација, изјави за ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.
И Миле Бошков од Бизнис конфедерација смета дека не може само државата и фирмите да вложуваат во квалификација и преквалификација, туку потребно е и невработените да вложат во својата професионална кариера.
- Голем дел од невработените ги користат социјалните бенефити и покрај тоа што се водат како невработени. Невработените кои работат на црно имаат право да користат здравствено и социјално осигурување без никаков трошок, поради тоа не се вработува. Од друга страна, оние кои се вистински невработени поставуваат низа услови и не сакаат да прифата работа за плата под 30 илјади денари, бидејќи сметаат дека се преквалификувани за одредено работно место и оти заслужуваат повеќе, изјави Бошков за ВЕЧЕР.
Целиот текст прочитајте го на: vecer.press