Учебната година за учениците во основото образование ќе трае до 14 јуни, а за средношколците до 9 јуни.
Одлуката е веќе и официјализирана и вметната во календарите за организација на учебната 2022/2023 година, кои се објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН). Од МОН појаснуваат дека ова се прави затоа што зимскиот распуст беше продолжен и второто полугодие наместо на 18-ти, започна на 23 јануари.
Би можело да ве интересира: Се помалку ученици во Куманово, иселувањето најчеста причина
Инаку, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пред почетокот на оваа учебна година, за Мета.мк кажа дека од следната 2023/2024 година, во план е секоја учебна година, наместо на 1 септември, да започнува на 10 септември. Тој најави дека во ваков случај, учебната година ќе трае до 20 јуни, со оглед на законската обврска да бидат одработени 180 наставни денови.
„За оваа идеја дискутиравме заради тоа што, во некои од нашите земји во регионот, како на пример Албанија, Хрватска, учебната година не започнува на 1 септември како кај нас, туку подоцна. Јас би сакал да се помести стартот, размислувам за тоа, иако треба да видиме како ќе се усогласиме со СОНК, синдикатите, како и останатите институции кои се врзани со датуми, на пример, Државниот испитен центар кој е врзан со рокови заради мноштво полагања, меѓу кои и полагањето државна матура. Инаку сметам дека идејата за пролонгирање на учебната година е добра“, рече тогаш Шаќири за Мета.мк.