Ако автономните возила навистина ги препрлават улиците во светот, ќе треба да се сменат некои работи. Прво, луѓето ќе треба да се навикнат на некои специфичности во возењето, но ќе треба да се прилагоди ин инфраструктурата.
Една од потенцијалните работи за менување се семафорите, односно се предлага воведување на дополнително светло на семафорите кое ќе го забрза сообраќајот и поминувањето на автомобилите на крстосница. Така покажуваат симулациите на научници од Универзитетот на Северна Каролина, во кои дел од автомобилите кои се движеле по виртуелни улици се автономни.
Според нивниот предлог, кога до крстосница се приближува поголем број автономни возила, на семафорот би се палело светло кое сите учесници би ги известувало дека семафорот е во координација со автономните возила и технологијата.
Би можело да ве интересира: Дали знаевте кога и каде бил поставен првиот семафор во светот?
Кога ќе се запали тоа светло нема да е знак за возачите да застанат, да забават или слично, туку дека треба да го следат автономното возило пред нив. Значи, ако тоа влегува во крстосницата, треба да го следат, а ако застане, и автомобилите зад него треба да застанат. Тоа светло е само известување за возачите дека технологија управува со семафорите и комуницира со автомобилите со кои управуваат компјутери и заедно го усогласуваат движењето низ крстосницата за да биде што побрзо и да нема застој.
Кога бројот на автономни возила ќе се намали под одреден процент, тоа светло ќе се згасне и возилата ќе мора да ги следат класичните правила. Досегашните симулации со ова светло покажале помалку чекање на семафори и помала потрошувачка на гориво, а бројките се се подобри како што расте бројот на автономни возила кои учествуваат во сообраќајот.