Колку-толку лесно е во лето. Костум за капење, една крпа и сместување (според можностите) можат да завршат работа и да создадат еден убав летен спомен. Но, зимувањето отсекогаш било привилегија на побогатите, а сега, растот на цените на струјата и на другите енергенти ги прави зимските сместувачки капацитети уште понедостапни.
МАВРОВО
Во Маврово не може да се најде сместување за двајца под 3.000 денари дневно, а за четиричлено семејство под 4.000 денари во помали сместувачки капацитети. Хотелските сместувања се над 100 евра дневно за двајца, или со едно мало дете.
Картата за жичарницата е 500 денари. Полудневната карта за скијање за деца од 6 до 13 години е 750 денари, за оние од 14 до 23 години изнесува 1.000 денари, а за скијачите од 24 до 70 години е 1.250 денари. Еднодневната карта за деца од 6 до 13 години е 1.050 денари, за оние од 14 до 23 години е 1.250 денари, а за групата од 24 до 70 години е 1.500 денари.
Можеби ќе ве интересира: Работи кои мора да ги понесете на зимување
ПОПОВА ШАПКА
Дневна карта за деца од 6 до 13 години чини 800 денари во делник и 950 денари за викенд, додека полудневната карта чини 500 денари до петок и од петок до недела 650 денари. За возрасната група од 14 до 62 години дневните карти се со цена од 1.100 и 1.300 денари, а полудневните се 800 и 1.000 денари. Граѓаните над 62 години на Попова Шапка можат да скијаат во работен ден до петок за 700 денари ако земат полудневна карта и 1.000 денари за дневна карта, а во викендите и во петок дневната ски-карта ќе ги чини 1.200 денари, а полудневната 900 денари.
Според објавениот ценовник карта, за една употреба на шестоседот и на двоседите до Церипашина и Свети Илија чинат во делник 250 денари, а за викенд 300 денари.
ПЕЛИСТЕР И БАБА ПЛАНИНА
На Пелистер најпознат е хотелот Молика, кој го управува „Елем турс“. Таму ноќевање за едно лице е 1.430 денари, полупансион е 1.860 денари, а полн пансион е 2.400 денари. На Пелистер се наоѓа скијачкиот центар Копанки, но се очекува веста дали со последните врнежи ќе може да се скија. Ски-картата е 400 денари за возрасни, а за деца е 300 денари. Лифтот со столица е 200 денари.
КРУШЕВО
Во Крушево најниска цена на платформата Букинг е 1.500 денари дневно за двајца, со оценка 9,4. Најскап е хотелот „Панорама хотел енд спа“, каде стандардна двокреветна соба за двајца е 100 евра на ден, со вклучен појадок, но со престојот во овој хотел се добива попуст од 50 проценти за жичарницата и ски-лифтот.
Во Крушево, дневна карта за скијање е 800 денари, а за деца е 600 денари, додека двоседот чини 150 денари.
Ориентациона табела за зимување во Македонија:
СКИЈАЧКИ ЦЕНТАР | СМЕСТУВАЊЕ ЗА ДВАЈЦА + МАЛО ДЕТЕ (ДНЕВНО ВО ДЕНАРИ)А | ДНЕВНА КАРТА ЗА СКИЈАЊЕ ЗА ВОЗРАСНИ | ДНЕВНА КАРТА ЗА СКИЈАЊЕ ЗА ДЕЦА |
---|---|---|---|
Маврово | 3.000 до 16.000 | 1.500 | 1.050 |
Попова Шапка | 3.400 | 1.300 | 950 |
Копанки | 1.000 до 3.800 | 400 | 300 |
Нижополе | 1.000 до 3.300 | 300 | 300 |
Крушево | 1.000 до 6.000 | 800 | 600 |
Целиот текст на: pari.com.mk