Американскиот производител на автомобили Форд денеска објави дека планира да укине 3.800 инженерски и административни работни места во Европа во следните три години.
Ова се случува поради зголемените трошоци и потребата од поекономична структура во транзицијата кон електрични возила. Приближно 2.300 работни места ќе бидат укинати во Германија, во фабриките во Келн и Ахен, 1.300 во Велика Британија и 200 во остатокот од Европа, објави компанијата.
Додаваат дека имаат намера да го остварат намалувањето на бројот на вработени преку програми за доброволно заминување. Синдикатите на крајот на јануари соопштија дека најлошото можно сценарио предвидува затворање на 2.500 работни места во Европа.
„Форд“ ќе задржи околу 3.400 инженери во Европа кои ќе работат на основната американска технологија и ќе ја приспособат на европските клиенти, изјави во разговор со новинарите Мартин Сандер, шеф на Европскиот оддел за патнички електрични возила (EV) на Форд и германскиот оддел.
Би можело да ве интересира: „Голф 2“ продаден за 80.000 евра
„Напуштањето на моторот со внатрешно согорување значи значително помалку работа на погонските единици. Се движиме во свет со помалку глобални платформи, каде што е потребна помала инженерска работа, па мораме да направиме прилагодувања“, рече Сандер. Стратегијата на Ford за електрификација не е променета, нагласи Сандер, потврдувајќи дека планираат да продаваат само електрични возила во Европа до 2035 година.
До крајот на оваа година, Форд треба да го лансира своето прво електрично возило во Европа, развиено на МЕБ платформата на Фолксваген и ја разгледува можноста да ја пресели својата платформа на Стариот континент, веројатно во фабрика во Валенсија, Шпанија, додаде Сандер.
„Ја подготвуваме нашата организација за пазарна конкуренција и победа во регион кој се соочува со невидени економски и геополитички предизвици“, рече тој.