Откако вештачката интелигенција (AI) ChatGPT го освои светот со своите импресивни способности, фокусот е префрлен на Google, односно како технолошкиот гигант ќе одговори на очигледниот конкурент.
Затоа пред неколку дена Google воведе нов чет-бот наречен Bard, како конкурент на AI. Извршниот директор на Google и матичната компанија Alphabet, Сундар Пичаи, тогаш рече дека Bard е достапен само за некои поединци кои го тестираат и дека ќе биде понуден на јавноста во наредните недели. „Bard се стреми да го комбинира знаењето со интелигенцијата и креативноста на нашите големи јазични модели. Се потпира на информации од веб за да обезбеди висококвалитетни одговори“, рече Пичаи пред неколку дена.
Главното прашање е дали со ова се менува Интернетот? Дали Bard и ChatGPT се иднина на пребарувањето. ИТ експертот Цветан Џиковски во разговор за „Локално“ вели дека од искуство знае за многу технологии кои требаше да бидат “the next big thing”, па ништо од тоа не бидна.
Можеби ќе ве интересира: ДА Е ЧОВЕК, БИ ЗАРАБОТУВАЛ 183 ИЛЈАДИ ДОЛАРИ ГОДИШНО - ChatGPT го помина интервјуто за Левел 3 програмер за Google
-Од друга страна па, во 1995, Роберт Меткалф за магазинот InfoWorld, има изјавено дека Интернетот за неколку месеци до година ќе имплодира и нема повеќе да се користи. Еве и сами све сведоци дали бил во право. Затоа не би сакал да давам грандиозни изјави како многу други од ИТ сферата, дека ова е (или не е) технологијата која што ќе биде “the next big thing”, ни вели Џиковски.
Околу тоа какво ќе биде влијанието на вештачката интелигенција генерално врз работните места во иднината, Џиковски смета дека ако се исполнат предвидувањата околу вештачката интелигенција, многу од моменталните работни места ќе згаснат и ќе бидат заменети од вештачката интелигенција.
-Но пред да почнете да паничите, „леле што ќе правиме, ќе останеме без работа“, земете во предвид дека и со индустриската револуција, струјата, роботизацијата во фабриките,….се затворија многу работни позиции, но од друга страна се отворија многу нови за кои не знаевме дека ќе бидат потребни, информира соговорникот.
За тоа колку е далеку Македонија од можноста да извлече вистинска корист од AI, Џиковски порачува дека се зависи и од самите индивидуи и фирми за тоа колку се спремни на користење на (било која) нова технологија.
Извор: lokalno.mk