Португалија ќе стави крај на програмата „златна виза“, која во претходните години им дозволуваше на инвеститорите надвор од ЕУ да ја добијат документацијата за земјата, најави премиерот Антонио Коста.
Програмата „златна виза“ овозможи побрзо добивање на дозволи за престој на лица кои се од земји кои не се членки на ЕУ, но инвестираат голема сума пари во недвижности во Португалија. Програмата е создадена во 2012 година и оттогаш донела речиси седум милијарди евра инвестиции, пренесува EuroActiv.
„Го суспендираме одобрувањето на новите „златни визи“, а што се однесува до веќе одобрените, тие ќе се обновуваат само доколку се однесуваат на местото каде што живеат сопственикот или директните потомци или ако имотот е ставен на пазар за долгорочно изнајмување“, изјави Коста на новинарите по состанокот поврзан со цените на недвижностите во Португалија.
Висината на закупнината за новите договори за изнајмување ќе биде ограничена во согласност со критериумите што ќе го ограничат растот на цените, додаде Коста.