На патниот правец Трпејца – Отешево преку Националниот парк Галичица, ќе бидат поставени рампи после месноста Корита, со цел да се спречи движење со возила на несовесни граѓани и нивно заглавување во наносите од снег високи и до два метри.
Ова денеска го најави ЈУНП „Галичица“ по серијата интервенции на ренџерската служа Планинската спасителна служба – ПСС и Територијалната противпожарна единица од Охрид за извлекување заглавени возила после Корита кој е забранет за користење во зимскиот период.
Јавната установа национален парк „Галичица“ има интерес да обезбеди услови за рекреација во паркот вклучително и во зимските месеци. Оттаму ние ја поздравивме одлуката на ЈП за државни патишта да дозволи сообраќај на патниот правец преку Галичица во текот на зимските месеци барем до локалитетот Корита, бидејќи таму имаме уредено излетничко место, но, за жал, некои несовесни граѓани се обидуваат да поминат преку Галичица и заглавуваат во снегот, вели Андон Бојаџи од ЈУНП „Галичица“.
Над локалитетот Корита на неколку места има големи снежни наноси и заглавуваат таму по што бараат помош, иако тие ја направиле грешката. Имајќи ја предвид ваквата ситуација Јавната установа се одлучи заедно со ПСС да достави писмено барање до ЈП за државни патишта да ни дадат согласност на патниот правец преку Галичица над локалитетот Корита да поставиме физичка бариера, односно рампи, кои нема да дозволат несовесни граѓани да продолжат да го користат понатаму патот преку Галичица. – изјави на прес конференција Андон Бојаџи од ЈУНП „Галичица“.
Дописот ќе биде доставен денеска, а трошоците за поставување на рампите ќе ги сносат НЈУНП „Галичица“ и Планинската спасителна служба.
Со ова сакаме да обезбедиме граѓаните на Охрид да можат да доаѓаат до локалитетот Корита и да рекреираат таму, а ние да не ги трошиме ресурсите на Паркот и ПСС во спасување на заглавени возила на Галичица. Секако после завршување на зимската сезона рампите ќе бидат отстранети. – додава Бојаџи.