Во кои сектори се најплатените работници во Македонија? Иако секторот Информации и комуникации важи за сектор со највисока просечна плата, сепак, не се компјутреџиите најплатените во земјава.
Највисоки плати земаат работниците во секторот „воздухопловен транспорт“, каде за месец декември е исплатена просечна нето плата од 94.537 денари. Нивните плати на годишно ниво пораснале 4,8 отсто. Работниците од секторот воздухопловен транспорт се во категорија Транспорт и складирање каде пак просечната плата за декември изнесувала само 34.300 денари.
Ведаш по вработените во воздухопловен транспорт на листата се компјутерџиите. Во секторот „компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“ просечна плата во декември била 88.192 денари, и таму има раст од 12,3 проценти споредено лани.
Трети на листа највисоки плати се за вработените во сектор „дејности за изнајмување и давање под закуп (лизинг)“, каде во декември лани исплатена е просечна плата од 78.405 денари. Овде има и едно големо изненадување, имено растот на нивните плати е е дури 16,9 проценти.
Во групата на работници чии плати се доста повисоки од просечната се и вработените во сектор „информации и комуникации“ каде платата во декември изнесувала 65.917 денари.
Нешто помалку од нив добивале работниците во секторот, „складирање и помошни дејности во превозот“ со 65.224 денари просечно исплатена нето плата.
Ова се податоци на Државниот завод за статистика, кој денеска објави дека просечната исплатена нето плата во Македонија достигнала 34.364 денари.