Фирмите имаат обврска во име и за сметка на инфлуенсерот да го пресметаат и платат персоналниот данок, додека инфлуенсерите имаат обврска да си проверат во даночната пријава дали е сè платено како што треба.
Кога инфлуенсерите и јутуберите рекламираат производи или услуги од домашни фирми треба да имаат склучено договор за повремено или привремено вршење на услуги или авторски договор. За секоја реклама треба да има договор и секој исплатувач треба да го задржи и да го плати данокот, велат од Управата за јавни приходи (УЈП).
Многу од инфлуенсерите прифаќаат да работат и само за подароци, како козметички производи, парфеми, храна, патувања, спонзорирана членарина за фитнес клубови… Но, и во тој случај, даночните власти велат дека секако се работи за трансакција и мора да се плати данок.
Фирмите треба да плаќаат данок и на производите или услугите кои што им ги даваат на инфлуенсерите како подароци за да ги рекламираат. Секое давање на пари, спонзорство, во натура или хартии од вредност се даночи и кога се работи за компензација со производи или услуги мора да се пресмета данок, предупредуваат од УЈП на можно даночно затајување и од компаниите и од рекламерите.
Фирмите имаат обврска во име и за сметка на инфлуенсерот да го пресметаат и платат персоналниот данок, додека инфлуенсерите имаат обврска да си проверат во даночната пријава дали е сè платено како што треба.
Во случај инфлуенсерите да имаат годишни приходи над 2 милиони денари стануваат ДДВ обврзници и освен персоналниот данок си плаќаат и ДДВ на државата.
И за исплатите од странство, на пример, приходите од монетизација од Јутјуб, физичките лица имаат обврска секој месец да направат аконтативна пресметка за приходите и да уплатат соодветен данок.
Што се однесува до поставувањето банери на компании или брендови, за тоа инфлуенсерите, исто како и порталите, мора да имаат финансиско покритие со направена нарачка од компанијата за конкретен период, идејно решение, фактура во која е пресметан и данок на додадена вредност.