Штенечак е болест која знае да биде фатална по здравјето и животот на кучињата, но доколку кучето е редовно вакцинирано опасноста за заразување е значајно намалена.
Состојбата со штенечак ескалира, а кучиња со нервни симптоми можат да се забележат во речиси секоја населба во Скопје. Простор за паника кај сопствениците на домашни миленици нема, иако болеста е широко распространета низ целата држава уште од пред една година. Одговорноста останува лично на сопствениците да си ги вакцинираат милениците. Главните препораки за заштита од штенечак се редовна вакцинација од заразни болести, да се избегнува групирање на миленикот со други кучиња, како и да не се земаат домашни миленици од сомнителни легла.
Штенечак или Febris infectiosa canis е многу заразно вирусно заболување од кое може да заболат сите старосни категории невакцинирани кучиња, сепак најчесто младите на старост од три до осум месеци.
Како што појаснува за МИА ветеринарката Велика Мерзаноска болеста ја предизвикува вирус од фамилијата Paramixoviridae род Morbili кој има афинитет кон клетките на епителот кој се наоѓа во различни ткива и органи во телото на кучето, доста отпорен на ниски температури додека високи температури и дезинфекциони средства го уништуваат за кратко време. Затоа, посочува, болеста се појавува во студените месеци од годината.
Постојат следните форми на штенечак секоја со своја клиничка манифестација: респираторната форма се јавува кога вирусот ќе навлезе во епителот на органите за дишење и таму како резултат на неговото делување животното кашла,дишењето е отежнато се јавува гноен исцедок од носот и очите; дигестивна форма се манифестира повраќање, пролив и тешка дехидратација на кучето; нервна форма се јавува две до три недели по инфекцијата животното има епилептични напади, миоклонус и слепило, доколку ја преживеат имаат трајни последици; кожната форма која се јавува само кај возрасните кучиња се карактеризира со орожување на кожата на шепите и носот со формирање на орожнати печурки.
Кај младите единки каде забите се во фаза на раст поради недостаток на забна глеќ се формира т.н. штенечаково забало.
Статистиката вели дека во државава нивото на вакцинирани домашни кучиња е ниска, а тоа води кон зголемена можност за ширење на болеста. Кучињата треба да се вакцинираат еднаш годишно против беснило кое е законска обврска и против заразни болести што е препорачливо токму заради заштита на милениците од заразни заболувања како штенечакот.