Во 1973 година во Радожда почна да работи Туристичката населба Треска. Беа изградени шест апартмани, 24 хотелски соби, петнаесет бунгалови и поставени 52 приколки со вкупен капацитет од околу 400 легла.
На површина од околу шеесет илјади метри квадратни експроприрано земјиште од радождани, овде уште беше изграден ресторан, бифе, рецепција и управен објект, помошни простории, спортско игралиште, санитарии и посебна станица за одлив на фекалии.
На почетокот од своето функционирање Треска нудеше услуги само на вработени во фабриката за мебел Треска Скопје. За кусо време објектот стана комерцијален и овде можеше да летуваат и надворешни туристи. Редовно имаше и странци.
Со тек на време беа поставени уште педесетина приколки и други придружни објекти со што Треска стана еден од најпрепознатливите и најубавите туристички одмаралишта во тогашна Југославија. Вкупниот капацтет на туристи достигна и над 500 туристи, а со оглед на тоа дека беше дозволено и кампирање со соптсвени камп приколки во одредени периоди од летото бројот на туристи ја надминуваше и оваа бројка.
Во населбата Треска редовно имаше и продавница за пехрамбени производи. Редовно преку ден имаше и лекар и медицинска сестра, телефонска врска со светот, а до населбата беше изграден и асфалтен пат за полесен пристап на туристите. Во Треска, во езерото беа изградени и два моста, а за туристите беа набавени и кајчиња, педалинки и други реквизити потребни за туристичко претстојување. Спојот на езерската вода и зелената шума нудеше извонредни услови за туризам. Повремено се ангажираа и музички групи и музичари, претежно во вечерните часови.
Како резултат на изворедните услови што ги нудеше населбата, овде се организираа различни спортски и други општински, републички и сојузни натпревари, дури и натпревари со меѓународен карактер, пред се кајак и други водни натпревари, потоа натпревари со вештини на сечење дрва и сл.
Принципот на исхрана во ресторанот беше по пат на самопослужвање, а во бифето редовно се нудеше и храна по порачка претежно подготвена на скара неизбежно вклучувајќи ја и пастрмката како посебен специјалитет.
Прв раководител во населбата беше Таши Ѓоргоновски од Струга, а од Радожда овде на самиот почеток беа вработени Грческа Ангелина која целиот работен век го помина овде и Шеќероски Трајче кој после неколку години замина во Скопје, а се вработи и неговиот брат Шеќероски Живко задолжен за одржување на населбата. Покрај нив, во редовен работен однос овде беше и Михајло Мике Скрчески кој беше и последен раководител во Треска пред таа да се приватизира. Повремено, по неколку години во Треска се вработуваа и други радождани. Сезонски работници – радождани имаше многу.
По осамостојувањето на Македонија Туристичката населба Треска почна да го губи својот сјај. Особено од 1994 година кога Треска беше приватизирана.
Денес Треска е вистинско ругло. Ниту кај сопствениците ниту кај државата, ниту во локалната самоуправа, а ниту кај самите радождани нема желба и мотив за поширока активност овој простор да се оплемени и да се изгради било каков туристички или друг објект.
Текстот е преземен од фејсбук групата Радожда во спомените
Вака изгледа Треска денес: