Уште поголемо поскапување на цените на лековите се очекува од 1 март. Зголемувањето ќе влијае на категоријата лекови кои се земаат без рецепт, а не на оние кои се дел од позитивната листа. Од Здружението на фармацевти велат дека од пандемијата досега, десетици лекови забележале зголемување од најмалку 20%.
„Имаме официјална информација од компаниите дека поскапување, особено од 1 март, ќе има кај лековите ОТЦ, каде поскапувањето ќе биде видливо, а нема најава за лековите од позитивната листа и другите лекови кои се земаат со лекарски рецепт. Поплаки има и од граѓаните. Тие се во право, има некои лекови кои недостигаат на фармацевтскиот пазар, како што се лекови за епилепсија кои одамна ги нема, а има и некои други лекови за срце кои лекарите ги препишуваат“, рече Имер Имери, потпретседател на Комората на фармацевти.
Во една ваква ситуација, многу граѓани не можат да си дозволат да ги купат потребните лекарства.
„Лековите се многу скапи и не чинат. Ги користиме, а немаат ефект. Ние трошиме многу месечно. Трошиме најмалку 4.000-5.000. За срце, за притисок, за што уште не и многу се скапи. Не можеме да живееме без нив. Дали плаќате приватно или преку Фондот? Приватно сè бидејќи ги нема на листата на Фондот. Докторите ни препишуваат нешто што го нема на рецепт. Катастрофа, пензијата ни оди за лекови“, рече еден граѓанин.
„Колку трошите месечно за лекови? Околу 4.000 денари. За каков лек? Јас и жената страдаме од болки во нозете. Некои лекови се 600 денари, сите на приватно, ништо од Фондот. За пензионерите тоа е многу, не малку, туку многу. Лекови не можеш да најдеш и со книшка, нема, само приватно“, додаде друг граѓанин.
Позитивната листа на лекови не се менува веќе 12 години. И граѓаните и Здружението на фармацевти бараат итно проширување на позитивната листа, но од Министерството за здравство не коментираат.