Повеќе од половина од светската популација ќе биде со прекумерна тежина или ќе бидат дебели до 2035 година, доколку не се преземат чекори за да се спречи тоа, се вели во новиот извештај на Светската федерација за борба против дебелина.
Извештајот на Светската федерација за борба против дебелината предвидува дека 51 отсто од населението на нашата планета, или повеќе од 4 милијарди луѓе, ќе бидат дебели или ќе страдаат од проблеми поврзани со вишокот на телесна тежина во следните 12 години. Извештајот забележува дека стапките на дебелина ќе се зголемат особено брзо меѓу децата и населението во земјите со среден и низок приход.
Велејќи дека податоците зборуваат сами за себе и претставуваат многу „јасно предупредување“, Луиз Баур, претседателка на Федерацијата, додаде дека креаторите на политиката мора да дејствуваат сега за да спречат влошување на ситуацијата.
„Особено загрижува фактот што стапките на дебелина се зголемуваат најбрзо кај децата и адолесцентите“, рече таа, додавајќи: „Владите и креаторите на политики ширум светот мора да направат сѐ што можат за да избегнат пренесување на здравствените, социјалните и економските трошоци на помладите генерации“.
Извештајот покажува дека дебелината кај децата може да се удвои повеќе од стапката во 2020 година. „Поточно, до 208 милиони момчиња и 175 милиони девојчиња се изложени на ризик да се соочат со овој проблем до 2035 година“, се вели во извештајот.
Организацијата предвидува дека до 2035 година светот ќе троши повеќе од четири трилиони долари годишно или три отсто од глобалниот БДП за болести поврзани со дебелината. Но, авторите на извештајот нагласуваат дека не ги обвинуваат поединците, туку повикуваат светот да се фокусира на социјалните, еколошките и биолошките фактори кои можат да предизвикаат дебелина.
Во проценките, Федерацијата го користела индексот на телесна маса (БМИ), кој укажува на врската помеѓу телесната тежина и висината. Според упатствата на Светската здравствена организација, БМИ над 25 значи дека човекот има прекумерна тежина, а над 30 значи дека е дебел.
Во 2020 година, околу 2,6 милијарди луѓе, или 38 отсто од светската популација, спаѓаат во гореспоменатите категории. Извештајот, исто така, покажал дека речиси сите земји каде што се предвидува најголем пораст на дебелината во наредните години се азиските и африканските земји со низок и среден приход.
Податоците следната недела ќе им бидат претставени на креаторите на политиките на Обединетите нации и земјите-членки.