Нов бран штрајкови на вработените во јавните служби денеска го блокираа јавниот превоз во многу германски градови, а за следната недела се најавени нови штрајкови.
Во градовите на сојузните покраини Баден-Виртемберг, Северна Рајна-Вестфалија, Саксонија и Хесен целосно е суспендиран јавниот превоз. Прекинот на работа е координиран меѓу синдикатот на вработените во јавниот сектор „Верди“ и еколошкото движење „Петок за иднината“, кое денеска одржа протести низ цела Германија.
„Петок за иднината“ со заедничка акција со синдикатите преку протести во околу 200 градови сака да укаже на важноста на градскиот транспорт во процесот на промена на пристапот до сообраќајот. „Сакаме да укажеме на важноста на јавниот транспорт во борбата против климатските промени“, најавија Верди и „Петок за иднината“.
Би можело да ве интересира: ВЕЌЕ НИКОЈ НЕМА ДА РАБОТИ ЗА ТИЕ ПАРИ: „Работодавачите се навикнати да ангажираат евтина работна сила за минимална плата“
Активистите за заштита на животната средина бараат поголеми инвестиции во јавниот транспорт и кратења на автопатиштата и автомобилската индустрија. Во Берлин, синдикатот Верди најави штрајкови на вработените во јавните служби за понеделник и вторник. Вработените во болниците, службите на градската администрација и базените треба да учествуваат во штрајкот.
Берлинското здружение на работодавачи КАВ ги критикуваше овие штрајкови како несоодветни, укажувајќи на тековните преговори. Преговорите меѓу Верди и работодавците започнаа во јануари. Верди бара зголемување на платите за 10,5 отсто, односно зголемување од најмалку 500 евра бруто месечно за околу 2,5 милиони вработени во јавните служби.