Освен Скопје, Охрид, Струга, Дојран и Гевгелија е еден од најпосетуваните градови во Македонија.
Податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) покажуваат дека Гевгелија секој месец има по неколку илјади туристи, од кои повеќето се странски. Лани во јуни во градот имало 3.276 странски туристи кои реализирале 5.671 ноќевања. Во јули минатата година имало 7.703 ноќевања од странски гости, а бројот на странци е 4.827. Во август се регистрирани 2.608 странски посетители, а бројот на ноќевања е 5.125. Чести гости се Грците, но и Србите. Грците доаѓаат поради казината, но и за да одат на стоматолог или да пазаруваат, додека Србите го посетуваат градот на пат кон Грција. Mногу луѓе доаѓаат и поради бањите лоцирани во близина. Градот има повеќе хотели каде гостите можат да се сместат.
„Имаме голем број посетители за време на викендите, но и во работните денови. Во текот на летната сезона имаме транзитни туристи кои се задржуваат ден или два во градот. Тука ни е Кожуф, Смрдлива вода, Негорски бањи. Од пред два месеци финкционира и страницата www.gevgelija-tourism.mk, каде има исцрпни информации“, додаваат од локалната самоуправа.
Спасе Манев, туристички водич вели дека по Охрид, Скопје и Струга, Гевгелија има најголем број на туристички ноќевања. Статистиките податоци покажуваат дека Гевгелија е меѓу најпосетените македонски градови.
„47,637 ноќевања има Гевгелија за 2022 година, а колку за споредба, Битола има 18,680 ноќевања. Можно е да има зголемување на посетеноста оваа година“, вели Манев.
Од Националната установа Музеј Гевгелија ги повикуваат граѓаните кои ќе го посетат градот, да не ги одминуваат, затоа што имаат поставка со експонати од различни временски епохи.
„Странците послабо го посетуваат музејот, затоа што Грците кои доаѓаат најчесто одат во казината, додека Србите бидејќи имаат многу километри возење до Грција, одмораат и потоа заминуваат“, велат од музејот.
Градот го нарекуваат и европска порта на Македонија. Природните, климатските и географските погодности, како и богатото културно наследство овозможуваат во општина Гевгелија подеднаков развој на транзитниот, бањскиот, планинскиот и културниот туризам. Зголемениот проток на патници преку македонско-грчката граница, придонесе во Гевгелија и околината да бидат подигнати хотелски капацитет и со над 700 легла, стои на веб страницата на Гевгелија. Низ транзитниот Коридор 10 годишно минуваат над 4 милиони патници, што не сомнено зборува дека Гевгелија претставува значајна транзит на крстосница.