Над 80% од испитаниците сметаат дека треба да се забрани носењето на мобилни телефони во училиштата
Телефоните стануваат сериозна пречка при изведување на наставниот процес, а многу наставници не можат да ги одржуваат часовите поради зголемената недисциплинираност на учениците предизвикана од нивното прекумерно користење.
За да дознаеме што мисли пошироката јавност за ова прашање, објавивме анкета Дали треба да се забрани носење мобилен телефон во училиште
Според добиените резултати, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека мобилните треба да се чуваат во посебни шкафчиња за време на часовите (56%). На овој начин нивното носење нема да предизвикува пречка во одвивањето на часовите, но сепак доколку има потреба ученикот ќе може да оствари контакт со родителите, велат дел од испитаниците.
Некој од анкетираните излезе со предлог плус: Кога ќе ги земаат телефоните од шкаф нека ги отвараат и заклучуваат со ID картица со број. Таа картица нека служи и за редовност на секој ученик.
29% сметаат дека мобилните треба да останат дома како не би им се одземало внимание на учениците. Дел од коментарите се дека мобилните пречат во спроведувањето на наставата, одземаат внимание на децата и дека до пред 10-15 години немало воопшто потреба од нив. Има и такви кои сметаат дека треба да се направи напор за поголема соработка и доверба помеѓу училиштата и родителите за да има подобри резултати.
Некој констатираше дека мобилните треба да останат дома доколку има безбеден трансфер на детето на релацијата дома-училиште-дома.
Останатите делумно не се согласуваат со тоа дека треба да се забрани носењето на мобилни телефони во училиште, односно дека секој родител треба да одлучува за своето дете (7%), додека 9% се со мислење дека не треба да биде забрането. Еден од противниците на забраната прашува: Наставниците не носат мобилни?!
Полека почува да се крева свеста за преумерното користење на мобилните, до тој степен што Франција неодамна официјално забрани нивна употреба. Учениците помлади од 15 години ќе мораат да ги остават нивните телефони дома или да ги држат исклучени до крајот на наставата. Албанија е уште една земја која годинава ги забрани мобилните, кога Министерството за образование испратило допис до директорите на основните и средни училишта каде ги известува дека од септември почнува да важи забраната за користење мобилни телефони во училиштата.