Тестенините од утре треба да поевтинат за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти. Нивните цени се намалуваат согласно со одлуката што Владата ја донесе минатата недела.
Со одлуката, од тестенините опфатени се макароните и шпагетите. За нив, од 13 март до 31 мај годинава се укинати увозните царински давачки. Само со укинување на царината, според пресметките на Владата, нивната цена се намалува за осум до девет денари во просек во малопродажба. Од Владата очекуваат намалувањето да биде и поголемо.
До 31 мај ќе биде во сила и одлуката за замрзнување на цената на млечните производи: трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.
Одлуките за замрзнување на цените, како што нагласи вицепремиерот, не се носат за да се наштети некому, туку за доброто на сите граѓани.
Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најавуваат дека ќе излезат на терен и ќе постапуваат веднаш по стапувањето во сила на одлуките на Владата. Казните за непочитување на одлуките изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.
На 28 февруари годинава Владата ја замрзна и цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Пекарската индустрија по неколкудневен прекин на производството и испораката повторно почна да доставува леб, но најави дека ќе поведе правна постапка за наплата на штетата од владината одлука која на месечно ниво, според нивните проценки, изнесува над 1,5 милиони евра.
Според официјалните статистички податоци, трошоците на животот во февруари годинава во однос на февруари лани бележат зголемување од 16,7 проценти, а цените на мало од 12,4 проценти.