Според новиот Индекс на просечен животен век во светски рамки, објавен од Обединетите Нации, македонските граѓани живеат во просек 75,26 години. За мажите одделно, таа бројка е 73,1 година, а жените во просек живеат 77,47 години.
За споредба, посочени се и податоци од истражувањата и статистиката на Светската банка. Според оваа листа, просечниот животен век на Македонците е 74 години, на Македонките - 78 години, вкупно - 76 години.
Истражувањата покажуваат дека долговечноста се заснова на три главни и основни фактора - генетика, пол и начин на живот. Потоа се земаат предвид и компоненти како што се хигиена, исхрана, култура, избор на професија, пороци, вежбање, пристап до квалитетна здравствена заштита, па дури и криминалните стапки. Според ОН, светскиот просек во поглед на животниот век заклучно со 2023 година бил 70,8 години за мажи и 76,0 години за жени, вкупно - 73,4 години.
Очекуваниот животен век значително варира зависно од подрачјето, како и од земја до земја, па оваа 2023 година, тие бројки се движат од најниското ниво од 57,7 години во Западна Африка до највисокото од 82,7 години во Западна Европа.
Општо гледано, очекуваниот животен век има повисок праг. Меѓу 2000 и 2016 година, очекуваниот животен век се зголемил за 5,5 години на светско ниво, со нагласка на зголемувањето од 10 години во одделни делови од Африка. Овие сознанија за овој раст во однос на „најтоплиот континент“ ги потврдуваат и извештаи на Светската здравствена организација.
На списокот земји со најдолг животен век, според ОН се Монако (87,01 години), Хонг Конг (85,83), Макао (85,51), Јапонија (84,95), Лихтенштајн (84,77), Швајцарија (84,38), Сингапур (84,27) , Италија (84,2), Ватикан (84,16), Северна Кореја (84,14 години).
Најкус просечен животен век имаат жителите на Чад (53,68 години), Нигерија (53,87 години), Лесото (54,91), Централноафриканската Република (55,48), Јужен Судан (56,51), Сомалија (57,35), Есватини (57,71), Намибија (59,93), Гвинеја (59,55), Мали (69,03 години).
Македонците, во таа смисла, се некаде на средина на оваа листа.
Од нашето поблиско соседство, просечниот животен век во Србија е 75,12 години, во Албанија - 78,06 години, Бугарија - 72,84, Грција - 82, во Босна и Херцеговина е 76,18 години, Хрватска - 79,4, а во Црна Гора е 77,78 години.