Седум милиони денари или околу 115 илјади евра одвои Општина Куманово за спроведување на програмата за воннаставни активности на младите во затворениот базен во Куманово, со кој стопанисува ЈП „Куманово - паркинг“.
Со овие пари се покриваат трошоците на учениците од основните и средни училишта кои во текот на учебната година бесплатно пливаат и да ги користат услугите на базенот.
„ Опфатени се сите училишта на ниво на општина Куманово. Доаѓаат околу 2000 ученици, во просек на еден термин имаме од 80 до 90 ученици. Термините се двапати неделно за секое училиште во одделенска и во предметна настава, термини има од сабајле и попладне, од 09 - 11 и од 14 - 17 часот попладне. За професорите имаме семинар за пливање и за ватерполо тренери, да се дообучат за да подобро работат со непливачите“, изјави Ивица Ѓорѓиевски, претседател на Општински училишен спорт во Куманово.
Претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска денеска беше да провери како се спроведува програмата, при што го истакна значењето на физичката активност на децата.
„Бидејќи субвенциите не се мали, апелирам до сите ученици кои сакаат да научат да пливаат и кои се подготвени да дојдат, не мора да ги води нивниот наставник по физичко образование, може било кој наставник да дојде со нив. Мој апел е, особено до децата кои имаат деформитет на кичмениот столб или друг здравствен проблем поради користењето на мобилни телефони и на компјутери, да се пријават, затоа што пливањето е спорт кој го опфаќа целото тело“, изјави Ѓорѓиевска.
Советникот Дарко Митевски, имаше забелешка до учениците и професорите за одржување на хигиената и односот кон инвертарот во базенот.
„Децата со гуми за џвакање влегуваат во базен, а потоа тие завршуваат на подот на базенот. Исто така апелирам децата редовно да ги затвораат чешмите после туширање, водата ја остваат да тече, а таа е загреана. Да не се кршат гардероберите, да се чува инветарот бидејќи тоа е за сите нас. Ме радува обуката за професори за деца непливачи и апелирам до родителите да ги пуштат децата да научат да пливаат, бидејќи со одржување на телото се подобрува и моториката, но и психофизичкото здрваје на децата“, изјави Митевски.
Програмата за бесплатно пливање ја користат 17 од 20 основни училишта. Не користат само три подрачани училишта во селата кои немаат бесплатен превоз, кажаа надлежните.