Германскиот синдикат на вработените во јавниот сектор Верди и железничкиот синдикат за понеделник најавија еднодневен генерален штрајк на транспортниот сектор во Германија, кој целосно ќе го парализира железничкиот, воздушниот и поморскиот сообраќај.
Синдикатот на вработените во јавниот сектор „Верди“ и синдикатот на вработените во железницата „ЕВГ“ најавија еднодневен предупредувачки штрајк за тој ден, што ќе го зафати целиот меѓуградски железнички сообраќај, речиси целиот градски сообраќај како и повеќето аеродроми, јавуваат германските медиуми.
Штрајкот го вклучува и водниот транспорт во Германија и управата за автопати.
Според податоците на Здружението на аеродроми, од штрајкот во понеделник би можеле да бидат погодени 380.000 патници, а сообраќајот се очекува да биде во прекин до средината на неделата.
Би можело да ве интересира: ПОРАДИ КОИ БОЛЕСТИ ГЕРМАНЦИТЕ НАЈЧЕСТО ЗЕМААТ БОЛЕДУВАЊЕ - еве кои се главните причини за нивното отсуство од работа
Претставник на Германските железници (ДБ) ги повика патниците да ги одложат патувањата доколку е можно или да ги преместат на денот пред, или по штрајкот. Синдикатите бараат повисоки плати, особено изедначување на негативниот ефект на инфлацијата врз реалните плати.
Синдикатот Верди за 2,5 милиони вработени бара зголемување од 10,5 отсто. Германската влада инаку ги отфрли коментарите за претстојниот штрајк, нагласувајќи дека не сака да се меша во преговорите меѓу работодавачите и синдикатите.
„Правото на штрајк е едно од основните права во Германија“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт. Воедно, апелираше до учесниците во преговорите што поскоро да се најде решение за да биде што помало влијанието врз секојдневниот живот на граѓаните.