Дали е вообичаено една третина од сите лица што лани станале доктори на науки во земјава да бидат странци? Одговор нема, а нема ниту податок која високообразовна институција колку доктори на науки произвела. Но затоа се знае дека имаме нови 46 доктори на науки од областа на медицината, а 22 на бизнис и администрација, а право докторирале 13 лица. Наспроти нив има само по еден нов доктор на науки по математика и по физика
Македонските високообразовни институции лани произвеле 197 доктори на науки, а најинтересно е тоа што 64 од нив се странци! Ова укажува на заклучок дека македонските факултети и институции се на мета на ловци по докторски титули затоа што дури третина од сите кои лани станале доктори на науки на нашите факултети се странци.
Ова го покажуваат официјалните и јавно достапни податоци на Државниот завод за статистика објавени вчера и достапни на следниот линк
За жал Државниот завод за статистика нема статистика за тоа која домашна високообразовна институција колку доктори на науки произвела лани. Нивниот вкупен број лани е 197 и е за 2 отсто помал од претходната 2021 година.
Од 197 нови доктори на науки само 14 инжинери!
Официјалната државна статистика покажува дека само 7 отсто од сите нови доктори на науки лани се инженери. Од вкупно 14 инжинери доктори на науки тројца се градежници за нискоградба и високоградба, двајца се архитекти и урбанисти, еден е хемиски инженер и еден е технолог за преработка на храна.
Можеби ќе ве интересира: АПАРТМАНИТЕ НА ЈАДРАН ПРЕСКАПИ И ЗА СЛОВЕНЦИТЕ: Што добивате за неверојатни 8.885 евра за еднонеделно летување?
ИТ факултетите лани произведоа единаесетмина софтвераши и тоа е добра вест, а петмина се нови доктори на науки за бази на податоци, мрежен инженеринг и дизајн.
Најбројни се медицинарите! Дури 46 медицинари лани станале доктори на науки, а од нив 23 се жени. На медицинска дијагностика докторирале 4 лица, а на нега и акушерство едно лице. Во областа на фармацијата македонските факултети произвеле петмина нови доктори на науки и сите тие се жени.
Бројни се и докторите на новноименуваниот корпус на дисциплини познат како науки за бизнис и администрација (кој опфаќа: сметководство, оданочување, финансии, банкарство, осигурување, менаџмент, администрација, маркетинг односно рекламирање). Ги има 22, а заедно со правниците се 35 доктори на науки од оваа хуманистичка гранка.
Затоа пак математика и физика докторало по едно лице лани, а на биологија и на хемија доктори на науки станале по 3 лица.
Вработените во образование по медицинарите лани се најбројни доктори на науки. Вкупно 42 лица кои работат во образованието лани станале доктори на науки.
Извор: faktor.mk