Парижаните на референдум одлучија да се забранат електричните тротинети на изнајмување во градот, во чекор кој претставува голем удар на операторите со е-тротинети и победа на активистите за безбедност на патиштата.
На вчерашното гласање речиси 90% од граѓаните ја поддржаа забраната и покрај многу ниската излезност од само 8% од граѓаните кои можеа да гласаат на референдумот. Од вкупно 1,38 милиони граѓани во избирачкиот список, само 103.000 гласаа на референдумот. Од нив, 91.300 граѓани гласале против е-тротинети, покажаа официјалните резултати.
Гласањето беше организирано како одговор на зголемениот број инциденти во кои луѓе загинаа или беа повредени од е-тротинети во францускиот главен град.
Можеби ќе ве интересира: Потребни ли му се на Скопје пунктови за рентање на велосипеди и тротинети?
Во Париз последните неколку години се појави загриженост поради начинот на кој некои луѓе ги возеа е-тротинетите – брзајќи низ сообраќајот, заобиколувајќи ги пешаците на тротоарите и возејќи и со брзини од речиси 30 километри на час. Е-тротинет можеше да се изнајми и од деца на возраст од 12 години, а често можеше да се види како возачите не носеа кацига. Дополнително граѓаните беа револтирани дека паркирањето на е-тротинетите правеше метеж на тротоарите, наменети за пешаци.
Во 2021 година 31-годишна жена беше убиена откако беше удрена од е-тротинет на кој се возеле две лица. Таа паднала и ја удрила главата од тротоарот по што доживеала срцев удар. Сепак, операторите со е-тротинети тврдеа дека овие возила сочинуваат само мала пропорција од вкупниот број на сообраќајни несреќи во градот.
Извор: inovativnost.mk