Билетот од Струмица до Штип што чинел 250 денари, поскапи во неколку наврати – прво на 270, па на 300, 320, за сега да чини 340 денари во еден правец. Истиот билет, но во обратна насока е уште поскап – 360 денари, поради заверката што граѓаните ја плаќаат на штипската автобуска станица.
Би можело да ве интересира: Германија воведува месечен билет од 49 евра за патувања низ целата земја
Цените на нафтените деривати на бензинските станици во земјава се стабилизираа, но цените на автобуските билети за меѓуградски превоз, и покрај поевтинувањето на горивата, остануваат високи. Приватните превозници не кажуваат зошто не ги намалат цените на билетите како што ги покачија кога вртоглаво поскапеа и горивата, а нивните здруженија ваквата состојба ја правдаат со „другите поскапени трошоци“. Бараат субвенции од државата, а Владата засега нема во план да ги ограничи цените на автобуските билети.
Меѓуградскиот превоз во Македонија веќе неколку месеци се смета за особено скап и го притиска буџетот на граѓаните.
Изминативе три години, од почетокот на ковид-пандемијата, цените на горивата почнаа да растат, при што во јуни минатата година го достигнаа и рекордот, па така литар Еуродизел тогаш чинеше 110 денари. Во исто време, бензинот Еуросупер БС-95 достигна највисока цена од 111,5 денари за литар, додека 98-октанскиот бензин чинеше рекордни 113,5 денари за литар.
Меѓутоа, цените на горивата сега се стабилизирани и се на ниво на кое беа во февруари минатата година. Во моментов дизел горивото чини 72 денари за литар, бензинот Еуросупер БС-95 има цена од 83 денари за литар, додека бензинот 98 чини 85 денари за литар.
И покрај поевтинувањето на горивата, билетите за автобуски превоз низ земјава ги „држат“ своите цени покачени минатото лето и засега нема најава дека тие ќе се намалат. Мета.мк изминатава година во повеќе наврати пишуваше за поскапувањата на меѓуградските автобуски билети и за нивното влијание врз граѓаните.
Меѓу најзасегнатите категории на граѓани се студентите кои студираат надвор од местото на живеење. Тие особено се погодени од „плафонските“ цени што ги наметнаа автобуските превозници, бидејќи почесто патуваат на релација од дома кон градот на студирање и обратно.
Повеќето превозници не нудат студентски попусти, а некои ниту повратни билети
Ако, на пример, студент што патува од Куманово до Скопје пред неколку години плаќал 100 денари за автобуски билет во еден правец, минатата година тој чинеше 150 денари, а сега и 170 денари.
Студент што студира во Скопје, а живее во Тетово, претходно плаќал 120 денари во еден правец, а сега плаќа по 200 денари.
Доколку сакате да патувате од Гостивар кон Скопје или обратно, порано за еден правец ќе платевте 250 денари, но сега еднонасочен билет ќе ве чини 350 денари, односно секој од превозниците ги поскапел билетите за 100 денари. Повратниот билет пак, што чинел 400 денари, сега чини 550 денари.
Слична е ситуацијата и на истокот од државата, каде универзитетски центар е Штип. Во овој регион, меѓу најголемите превозници е „Струмица Експрес“, кој управува со автобуските станици во Струмица и Радовиш.
Билетот од Струмица до Штип што чинел 250 денари, се покачил во неколку наврати – најпрво на 270, па на 300, 320, за сега да чини 340 денари во еден правец. Истиот билет, но во обратна насока е уште поскап – 360 денари, поради заверката што студентите ја плаќаат на штипската автобуска станица.
Студент што патува од Велес кон Штип, ако некогаш плаќал 170 денари, сега за еден правец плаќа 210 денари со „Струмица Експрес“ и 250 денари со кочански „Авто Атом“ или охридски „Галеб“. Притоа, ниту еден од овој превозник не нуди повратен билет за оваа релација.
Превозникот „Струмица Експрес“ од почетокот на ковид-пандемијата ги укинал повратните билети на повеќето релации на кои оперира и сè уште не ги враќа. Поради ова, студентите, но и останатите граѓани од истокот и југоистокот на земјава кои немаат избор и мора да ги користат услугите на „Струмица Експрес“ повеќе не можат да ја користат придобивката од поевтин повратен билет, туку се приморани да плаќаат полни суми за билети во еден правец.
Билет од Штип кон Скопје со „Струмица Експрес“ чини 360 денари во правец, од Радовиш кон Скопје чини 520 денари, додека од Скопје кон Струмица за еден правец се плаќаат билети од дури 680 денари. Овој превозник е единствениот во чиј автобус може да се качите за да стигнете од главниот град до Струмица или Радовиш.
Целиот текст прочитајте го на: meta.mk