Луфтханза ќе почне да лета од 23 април кон Франкфурт, додека Визер ќе ги воведе ветените авиолинии од 1 ноември
Владата склучи договор со авиокомпаниите Визер и Луфтханза за финансиска поддршка за воведување на нови авионски линии од македонските аеродроми, кои се пријавија на мартовскиот јавен повик за доделување субвенции. Германската авиокомпанија ќе започне да сообраќа меѓу Скопје и Франкфурт од 23 април, и тоа 10 пати неделно, за што ќе добие субвенции од државата.
Визер ќе добие финансиска поддршка за да лета кон дестинациите: Скопје-Штутгарт, Скопје-Луксембург, Скопје-Салцбург и Скопје-Љубљана, при што предвидено е кон овие четири дестинации да има по три лета неделно. Планирано е воведување на овие линии од 1 ноември годинава.
За новите авионски летови, финансиската поддршка ќе изнесува по 7 евра по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје, информираше министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната прес-конференција. Притоа, тој рече дека авиопревозниците што ќе добијат субвенции, ќе имаат обврска да оперираат на линијата три дополнителни години и по завршувањето на финансиската поддршка што ќе трае до октомври 2025 година. Во спротивно, ќе треба да го вратат целиот износ на средства што го добиле од државата.
Премиерот додаде дека со авиопревозникот Луфтханза, нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации, со оглед што аеродромот во Франкфурт е еден од најголемите светски аеродроми.