Европските градови со мало население нудат дарежливи парични стимулации за новите жители.
Многу рурални области се соочуваат со стареење на населението бидејќи младите се преселуваат во градовите или едноставно одлучуваат да немаат деца. За да се борат против ова, некои локални власти ги охрабруваат странците да се населат со тоа што им гарантираат плаќање во готово.
Од Шпанија до Италија, еве ги сите места во Европа кои ќе ви платат да се преселите таму.
Албинен, Швајцарија
Албинен на швајцарските Алпи е дом на помалку од 250 жители. За да се зголеми бројот на жители, малата општина им нуди на семејствата над 50.000 евра за селење.
Сместено на една планина во кантонот Вале, живописното село е нешто повеќе од еден час возење од познатиот ски-центар Вербие.
Оние до 45 години ќе добијат 25.300 евра за преселба, плус 10.120 евра по дете.
Оваа можност е отворена само за швајцарски државјани или квалификувани странци кои живееле во Швајцарија доволно долго за да добијат дозвола за престој C. Од апликантите се бара и да живеат во куќа вредна најмалку 202.310 евра и мора да се обврзат да живеат во Албинен 10 години.
Рубија, Шпанија
Шпанското село Рубија во Галиција ќе им плаќа на странците до 150 евра месечно за да живеат таму. Можноста е наменета за семејствата, со надеж за зголемување на бројот на ученици во локалните училишта.
Рубија се наоѓа во северозападна Шпанија, 2,5 часа возење источно од Сантијаго де Компостела.
Калабрија, Италија
Во Калабрија, југозападниот регион на Италија, преселувањето во село до 2.000 жители или помалку ќе ви донесе до 28.000 евра.
Оваа иницијатива беше покрената со цел да се борат против депопулацијата.
Оние кои се заинтересирани да аплицираат мора да имаат 40 години или да се помлади и да се преселат во регионот во рок од 90 дена од прифаќањето на апликацијата. Тие исто така мора да започнат бизнис или едноставно да најдат нешто да работат.
Сардинија, Италија
Италијанскиот остров Сардинија на луѓето им нуди 15.000 евра за да се преселат таму.
Позната по песочните плажи, синото небо и тиркизната вода, медитеранската идила се соочува со намалување на руралното население додека младите локални жители се преселуваат на работа во странство.
За борба против овој егзодус, Владата одвоила 45 милиони евра како поттик за преселување. За да се квалификувате за стимулација, ќе треба да се преселите во општина во Сардинија со помалку од 3.000 жители.
Парите мора да се искористат и за купување или реновирање на дом. Стимулацијата не може да надмине половина од вкупната цена на куќата или реновирањето – што значи дека во некои случаи сумата од 15.000 евра ќе се намали.
Извор: ekran.mk