Граѓаните чувствуваат дека нивната куповна моќ се намалува, а за тоа каде можат да патуваат, велат дека со примањата кои ги имаат, не можат да си дозволат многу. Според нив, со македонските плати можат да си овозможат да одмораат во соседните земји.
„Тоа е индивидуално, но сега како што е ситуацијата, мислам дека граѓаните не можат да си уплатат одмор на некоја подалечна дестинација, а дури и Грција според мене веќе е скапа за нашите граѓани“, објаснува жителка на Свети Николе.
За празниците и продолжените викенди, оние кои се во можност патуваат надвор од Македонија.
„За празникот бев во бања во Србија. Имаше многу Македонци. Цените во Србија се прифатливи за нашиот стандард. Нешто е поскапо, нешто поевтино. Посетив повеќе градови. Патарините им се скапи. Во туристичките места, цените во угостителските објекти се високи, но тоа е нормално затоа што секаде е така, секаде е исто. Во Врање, седнав на ручек во ресторан и видов дека половина од гостите беа од Македонија“, вели кумановец.
Од туристичките агенции објаснуваа дека македонските граѓани немаат голем избор поради лошата финансиска состојба.
„Проблемот е во нашиот стандард, не во стандардот во другите земји. Точно дека има поскапувања во Грција, но ако ги споредиме цените, ако видиме колку цените овде отидоа до небеса, ќе сфатиме дека кај нас е проблемот“, рече Александар Чоневски, од агенцијата Игуана травел од Скопје.
Од битолска туристичка агенција објаснуваат дека ретки се луѓето кои можат да си дозволат да заминат на некоја егзотична дестинација.
„Најмногу ја бараат Грција, додека за Албанија интересот е послаб. Има аранжмани и за Турција, Египет, Тунис, тие се малку поскапи. За нашиот стандард најпогодни се дестинациите во соседните држави“, додаваат од оваа агенција.
Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) за патувањата на домашното население од пред неколку години, најголем дел од граѓаните оделе на одмор во Грција, потоа следат Црна Гора, Албанија, Србија, Бугарија, Турција, додека Македонците поретко патуваат во Хрватска или Шпанија. Најниски просечни дневни трошоци по лице бележат оние кои оделе во Албанија, Србија и Бугарија. Во Шпанија дневните трошоци по лице биле највисоки, односно трипати поскапи од оние кај соседите. Медиумите неодамна пишуваа дека Хрватска е дестинација која стана поскапа и од Шпанија.