Министерството за труд и социјална политика ќе предложи нов Закон за регистар на задолжително социјално осигурување, каде што на едно место ќе се води евиденција за сите придонеси - придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, придонесот за здравствено осигурување и придонесот за осигурување во случај на невработеност.
За две години откако ќе се донесе законот ќе почне со работа Управата за водење на регистарот на задолжително социјално осигурување и ќе ја врши досегашната работа на пензискиот и здравствениот фонд, како и на Агенцијата за вработување и на министерствата за здравство и на труд и социјална политика.
Владата ќе именува директор и ќе се вработат административни службеници, а главно ќе се работи електронски преку еден централен информациски систем. Службениците ќе ја одржуваат базата на податоци, ќе се работи со пријави и одјави, евиденција и идентификација на осигуреници, ќе се врши обработка на наплатени придонеси, како и други задолженија.
„Целта на законот опфаќа воспоставување на единствен регистарски систем на управување и евиденција на сите податоци поврзани со системот на задолжително социјалното осигурување која ќе придонесе за ефикасно остварување на правата и обврските кои произлегуваат од таквото осигурување“, се вели во предлог-законот кој е објавен во базата на националниот регистар на прописи.
Со воспоставување единствен регистар на осигуреници, податоците треба да бидат единствени и точни и ќе бидат користени од сите институции вклучени во интегрирана наплата на придонесот, така што треба да бидат надминати сите ризици за регистрација и распределба.
Тука ќе се евидентираат сите осигуреници и обврзници, ќе се мери и стаж со единствен регистарски број за секого. Управата ќе се финансира од буџетот, но и од сопствените приходи од надоместоци од издавање потврди и годишни наплати од сметководствените канцеларии. Ќе се наплаќаат и казни, а меѓу нив ќе има и глоби во износ од 200 до 400 евра за физичките лица и фирмите ако не се придржуваат до навременото пријавување.
Минатиот месец на тапет беше ставен Фондот за пензиско и инавлидско осигурување во извештајот кај Државниот ревизор, кој утврди дека поради отсуство на целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените и поради тоа што внатрешните контроли не секогаш го покриваат ризикот од комплетност на документацијата во електронското пензиско досие, постои ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од пензиското и инвалидско осигурување.
Ревизорот препорачува да се обезбеди комплетност на документацијата во електронските пензиски досиеја за остварување на правата од ПИО и усвојување на изработените процедури и нивна примена во тековното работење на сите филијали на Фондот. Ревизијата утврдила и дека слабостите во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од пензиското и инвалидско осигурување.
Поради недобиени соодветни податоци за вработување и регистрација на обврзниците, како и грешки при внесот од страна на други институции, на уплатната сметка наменета за прибирање средства од наплатен придонес за пензиско осигурување има нераспоредени средства кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата.