Кога родителите почнуваат да му даваат џепарлак на детето, со тоа го учат како да раководи со пари и како да научи што е одговорно финансиско однесување.
Сепак, често има двоумење околу тоа која е идеалната возраст за да почне детето да добива свои пари, како да ги чува и како да ги троши.
Детските психолози сметаат дека децата може да почнат да добиваат пари кога ќе почнат да ја разбираат вредноста на парите, а тоа е обично кога ќе тргнат на училиште.
Децата многу ретко самите купуваат нешто, па не ја знаат вредноста на нештата во еднос едни на други. Затоа е доволно да добиваат мал износ за да научат колку вредат парите и да го научат концептот на штедење.
Обично џепарлакот следи со преземање на одредени одговорности, па може да им се објасни да учествуваат во извршувањето на некои домашни задачи.
Треба да се внимава тоа да не изгледа како да им плаќате надомест на децата за извршена домашна работа, туку да научат да ги заслужат парите што ги добиваат.
Помалите деца обично џепарлакот го користат за играчки и слатки, а поголемите сакаат да ги заштедат за играчки, облека или некаков електронски уред како мобилен телефон.
Она што треба да нагласите е дека парите за џепарлак не треба да бидат средство за уцена на децата од страна на родителите, ниту да бидат директно врзани за вршењето на одредени обврски.
Ако детето не ги исполнува домашните обврски, тогаш одземете му одредени привилегии (времето поминато на интернет, во играње видеоигри, излегување со друштво), а не да му ги скратите или намалите парите.
Детски заблуди за парите
Со давањето џепарлак ги учите децата на финансиска одговорност, што треба да ја покажете и со сопствен пример.
Исто така, треба да им давате реална слика на децата за парите и нивната вредност. Најчести заблуди на децата во врска со парите се дека монетите вредат повеќе од банкноти бидејќи се потешки, дека од банкоматот може да повлечете неограничено многу пари или дека парите се користат само за купување, а не и за плаќање сметки.
До петгодишна возраст децата би требало да знаат дека парите се користат за да се платат стоки и услуги, дека треба да се заработат, дека не треба сите пари да се потрошат одеднаш и дека позајмените пари треба да се вратат.
Извор: kajgana.com