Германската влада соопшти дека ќе го прошири системот на издавање шестмесечни визи на тој начин што ќе им овозможи на граѓаните од земјите надвор од ЕУ да побараат работа во оваа земја.
Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека визите што моментално им се расположливи на луѓето со завршено високо образование ќе бидат проширени и за луѓе со квалификации потребни за одредени професии.
Со овој потег германските власти сакаат да ги намалат негативните ефекти врз економијата кои се предизвикани од постојаниот недостиг на квалификувана работна сила.
Зехофер исто така истакна дека Германија не сака „имиграција во системот за социјална помош“, така што барателите на виза мора да докажат дека ќе можат сами да се грижат за себе и да зборуваат германски.
Министерот за труд Хуберт Хајл рече дека владата го усогласила и „прагматичното“ решение за одбиените баратели на азил кои имаат работа во Германија и се добро интегрирани.