Во Црна Гора десетте највисоки бруто плати во март годинава се движеле од 110.000 евра до 64.700 евра, од кои 88.000 евра бруто биле издвоени за вработен во државен орган, покажуваат податоците на Управата за приходи и царина доставени до порталот РТЦГ. Пресметката вели дека бруто платата од 88.000 евра (со даноци и придонеси), нето изнесува околу 61.000 евра.
Двете највисоки бруто плати во март годинава се исплатени во секторот за монетарно посредување и изнесуваат околу 110.000 евра и 92.000 евра, што ги примиле Црногорец и австриски државјанин.
Третата највисока бруто-плата во март била регистрирана во државниот орган и изнесувала околу 88.000 евра, но како што соопштија од Управата за приходи и царина, не е прецизирано дали е исплатена на црногорски или на странски државјанин.
УПЦ не може да соопшти за кој државен орган се работи.
Во трговијата на мало, според доставените податоци, за една бруто плата се издвоени околу 86.700 евра, што е четврта највисока плата во март. Истата е платена на државјанин на Србија.
Петтото место меѓу највисоките плати го зазема платата од секторот за компјутерско програмирање, таа била околу 85.000 евра бруто, а била исплатена на државјанин на Белорусија, пренесува Банкар.ме.
За монетарно посредување исплатени се уште три плати меѓу 10-те најголеми во Црна Гора. И тоа во износи од 82.000 бруто, за државјанин на Црна Гора, 81.000 евра за државјанин на Австрија и околу 67.000 евра исто така за црногорски државјанин.
Во секторот за консултантски услуги, во март исплатена е плата од 77.800 евра на црногорски државјанин, додека бруто платата на германски државјанин, вработен во туристичка агенција, изнесува околу 64.746 евра.
Монстат сѐ уште нема објавено податоци за просечната плата за март, но оние од февруари покажуваат дека просечната бруто плата била 958 евра, што значи дека е 115 пати помала од највисоката бруто плата во март.