Албанската влада ги достави до Парламентот предлог-измените на законот за државјанство, со кој се предвидува укинување на некои критериуми за негово добивање.
Од странците повеќе нема да се бара да го знаат албанскиот јазик за да добијат албанско државјанство доколку добиле дете за време на нивниот редовен престој во земјата.
Во член 1 од предлог-законот, албанско државјанство можат веднаш да добијат деца на странци родени во ова земја доколку за тоа согласност дадат двајцата родители, иако поседуваат други државјанства, кои легално престојувале на албанска територија. Со досегашниот закон право на државјанство добиваа со наполнети 18 години.
Право на албанско државјанство можат да добијат и родителите на дете родено во Албанија доколку непрекинато живееле на територијата на земјата најмалку три години, без разлика дали го познаваат албанскиот јазик.
„Странецот чие малолетно дете има албанско државјанство може да поднесе барање за стекнување државјанство со натурализација иако не го исполнува условот за познавање на албанскиот јазик доколку легално и континуирано престојувал на територијата на Република Албанија најмалку три години“, се наведува во предлог-измените на законот за државјанство.
Како што јавија албанските медиуми, државјанство ќе се добива и во случаи кога Република Албанија има национален интерес или интерес во областа на образованието, науката, уметноста, културата, економијата и спортот.