Целта на властите во Хаг е да обезбедат простор на улиците во центарот за локалните жители
Еден европски град постави светски рекорд по цена за паркинг, а таа е 50 евра, без разлика дали автомобилот е оставен 10 минути или цел ден. Одлуката за драстичното зголемување ја донела локалната власт во холандскиот град Хаг, а тарифите ќе важат само за паркирање на одреден број улици во центарот на градот, кои не се малку.
Цените се актуелни и за Шевенинген, една од осумте области во Хаг, која е модерно приморско одморалиште со долга песочна плажа, популарна за спортови на вода, како што се сурфање на ветер и китбординг. Пристаништето Шевенинген се користи и за риболов и за туризам.
Токму борбата со големиот број туристи е причина за огромното поскапување на паркингот, откако се насобрале бројни поплаки од жителите за недостиг на бесплатни паркинг места за нив.
Стапките од 50 евра се пилот проект и ќе важат точно една година, а локалното население ќе може да паркира бесплатно, но само во близина на нивните домови.
Градското собрание на Хаг смета дека ваквата висока такса ќе ги поттикне туристите и жителите на другите области на Хаг да ги остават своите автомобили на јавни паркинзи каде што цените се пониски. Но, тие обично се празни бидејќи возачите претпочитаат да ги остават своите автомобили во центарот.
Повеќето локални жители ја поддржале иновацијата, но имало и противници. Сопствениците на продавници во центарот на градот веруваат дека скапиот паркинг ќе наштети на нивниот бизнис. Тие излегле со предлог за ограничување на времето за паркирање за луѓето да можат да купуваат.