Пред 4 години компанијата Кромберг и Шуберт се вклучи во проектот на Дуално стручно образование, во соработка со СОТУ „Ѓорги Наумов“ од Битола и Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Реалистично може да се каже дека овој проект успешно беше реализиран и оваа година беше прославена заедно со Првата генерација на матуранти. Процесот на образование никогаш не завршува, а баш таков е и пристапот на компанијата кон проектот на Дуалното стручно образование, односно како што и тие континуирано се подобруваат така вложуваат и во развојот на овој исклучително значаен проектот. Целта е со секоја помината година да се изнесуваат уште поуспешни генерации кои ќе се обликуваат во професионален и стручен кадар кој би го менувал светот.
На овој начин како општествено одговорна компанија, главната мотивација на компанијата е придонесување кон подобрување на образованието и споделување на експертското знаење и познавање кое што професионалниот тим од компанијата го имаатг стекнато низ годините со учениците кои се на самиот почетокот од нивниот професионален развој.
Вложувањето во учениците, отворената комуникација, позитивната енергија, чесноста, довербата се алатките кои секогаш водат кон успехот. Во позитивна средина каде луѓето се отворени да споделуваат и пренесуваат свое знаење сѐ е возможно. Не останал проблем кој што не бил решен или пак ситуација која што не е надмината.
Во четвртокот, 12.05.2023, матурантите од Дуалното образовнаие во Битола беа ѕвезди на денот за кои со голема љубов и внимание беше организирано дружење на кое беа поканети и нивните родители.
На настанот се прикажа ретроспективата на учениците, како започна оваа приказна пред 4 години, колку заедно пораснаа и научија голем број на стручни работи кои ќе им послужат во понатамошното образование. Учениците исто така беа изненадени со мал подарок кој ќе ги потсетува на едно преубаво време. Дружењето беше заокружено со мала забава, добра музика и многу желби за успех во иднина.
Во текот на овие години заедно учеа, се надоградуваа, се развиваа, другаруваа, ги насочуваа и се стремеа да им бидат добар пример на учениците за во иднина и да им ја покажат нивната најдобра верзија. Матурантите беа посоветувани да останат добри луѓе, да ја задржат искреноста и ведрината која ја краси секоја младост, зошто младоста е пролет на секоја личност, да продолжат да работат на себе и да не забораваат дека сѐ што сакаат можат да постигнат доколку вложат труд, време и се водат од вистинските вредности.
Завршувањето на едно поглавје секогаш означува почеток на ново, па токму тој исчекор треба да ги прави матурантите горди и среќни.
Од особена важност е младите да добиваат соодветно образование и својата иднина да ја градат во нашата држава. Само на тој начин можи да се придонесе да имаме општество кое ќе има успешна и позитивна иднина.
Посебна благодарност упатуваме до менторите кои несебично и со големо внимание го подготвуваа материјалот и им го пренесуваа знаењето на учениците на креативен и забавен начин. Преку бројните проекти и практичните примери им ја приближија теоријата и им ја разбудија желбата сѐ повеќе да истражуваат и да се надоградуваат.
„Матурaнти, Ви посакуваме многу среќа и успех во иднина! Бидете приказна која нема да престане да го инспирира светот околу себе! Се радуваме заедно со Вас на сѐ што досега постигнавте и ќе останеме и понатаму Ваша најголема поддршка, мотивација и инспирација во текот на градењето на Вашата кариера. Воопшто не се сомневаме дека сите животни предизвици ќе ги надминете и еден ден ќе станете примерни и успешни личности, а ние ќе бидеме горди на Вас. Ви посакуваме да ја изградите вашата иднина онака како што си ја замислувате и посакувате!“ – е дел од честитката која менаџментот на Кромберг & Шуберт ја упатија до матурантите.