Жителите на Скопје пред неколку дена добија 500 електрични тротинети на располагање, паркирани на повеќе локации низ Скопје.
Би можело да ве интересира: Сите работи кои треба да ги знаете за BinBin услугата за изнајмување тротинети во Скопје
Во текот на вчерашниот ден на социјалните мрежи се споделуваа фотографии од тротинетите кои во рекорден рок беа уништени, со оштетени инсталации, фрлени во контејнер и во тревници…
И додека се одвива дебата за тоа дали ваквото однесување ја покажува нашата некултура и негрижа, се појавија нови проблеми со системот за електронска наплата на изнајмувањето. Имено, едно семејство од Скопје доживеало голгота затоа што после плаќањето на користењето електричен тротинет, апликацијата продолжила да им повлекува средства од сметката иако според инструкциите го прекинале користењето на услугата.
Родителот се пожалил дека системот поради „багови“ во софтверот кој најверојатно не бил тестиран или не било забележано дека има аномалии при тестирањето, продолжува да наплаќа од сумата.
За нивна среќа, во кол-центарот кој работи на англиски и на турски јазик, службеник го решил проблемот. Таткото на девојката која го користела електричниот тротинет објави дека треба да се внимава затоа што е можно апликацијата од картичка да ги извлече сите средства, а пресметките велат дека за 24 часа тоа се 13.000 денари.
Јас не велам дека тоа е секојдневно. Тоа се функционални “bug”-ови во една апликација кои не мора да се појават секогаш (грешки при изработка на софтверот кои се појавуваат во текот на неговото користење и нарушуваат употреба на одредени негови функции). Може скоро никогаш да не се појават, но може во еден период да се појават и премногу често бидејќи при тестирањето на апликацијата пред да се пушти во јавна употреба истата, не биле пронајдени тие “bug”- ови што во конкретниов случај е еден огромен пропуст на фирмата која го тестирала софтверот.
И замислете да се појави овој функционален “bug” и да се активира како синоќа што се активираше во апликацијата инсталирана на телефонот на ќерка ми. Апликацијата продолжува во позадина да си брои пари. И ете вашето дете платило за услугата пред 10 дена и 10 дена не ја гледа апликацијата. После 10 дена детето повторно ја вклучува апликацијата и сака повторно да изнајми електричен тротинет. Приметува дека апликацијата сеуште брои. Цената е 9 ден. за една минута. За 24 часа ќе ви набилда сметка од 13.000 ден. За 10 дена 130.000 ден. Вистински хорор. 10 просечни тротинети ќе купите за тие пари. Нема каде да се обратите. Долгот е направен мора да си го платите. Немоќни сте. Што правиме? Залудно е кубење коси. Се’ е залудно. Уште и извршител ќе ви се јави за да си го подмирите долгот доколку во зададениот рок не го подмирите. Значи за наплата најверојатно дека се’ е одлично организирано. Во рок од неколку дена (има рок, не сум во потполност сигурен кој е вистинскиот) треба да си го подмирите долгот. Во спротивно ќе си имате присилна наплата. Додека не го платите долгот не можете да го избришете акаунтот од апликацијата. Не можете да се скриете. Ве имаат и ве гледаат кои сте. Ви го имаат телефонот. Не зборувам ништо на памет.
До 04 ч. синоќа лутавме и едвај ја исклучивме активноста на тротинетот преку online help со некој момак Ахмед, најверојатно од Турска (не тврдам) кој беше најверојатно задолжен синоќа како техничка поддршка во Help центарот со кој на крај успеавме некако да искомуницираме во потполност. Му благодарам и за тоа“, гласи дел од Фејсбук статусот на родителот.