Сезоната на летни одмори секоја година традиционално носи голем сообраќаен метеж на граничните премини во Србија, Македонија, Бугарија и Грција, особено за време на викендите во јули и август.
Туристите се интересираат каква ќе биде состојбата на границите, но не постои одредено правило и тоа е нешто што никогаш не може однапред да се знае со сигурност.
Сепак, постојат некои упатства кои датуми и денови треба да ги избегнувате за поаѓање во Грција ако не сакате да поминувате часови во бескрајни колони.
Во кои денови има најголема гужва на Евзони?
Познато е дека времето на чекање на Евзони е секогаш подолго за време на викендите во јули и август, денови кога најголем број српски и македонски граѓани одат на море. Слична е состојбата и со бугарско-грчкиот граничен премин.
Некогаш нè контактираат туристи кои чекале повеќе од 4 часа за да влезат во Грција, додека други кои пристигнале само половина час подоцна ги завршиле сите царински формалности за само дваесет минути. Досегашната практика покажа дека најголема гужва има најмногу во петок и сабота (за влез во Грција) и во недела и понеделник (за излез од Грција), потоа на 1-ви и 15-ти во месецот и за продолжените викенди во Македонија. Меѓутоа, доколку истите овие денови после 18 часот се најдете на Евзони и Богородица, ќе треба да почекате многу кратко да помине. - пренесуваат од Grcka Info.
Праксата исто така покажува и дека најверојатно ќе чекате пократко доколку се појавите на влезот во Грција во текот на ноќта - најдоцна до 3 часот по полноќ.
Бидејќи навистина нема одредено правило, точно на истиот датум некој ќе помине за 15 минути, а некој друг ќе чека 2 часа. Не е исто да ја минуваш границата во 4 часот наутро, во 10 часот или во 20 часот кога на преминот има само 2-3 коли.
Напуштањето на Грција обично е побрзо, бидејќи понекогаш грчката полиција не ги проверува пасошите при враќање.
Секако најдобро е да се започне со патување во Грција во работен ден, бидејќи тогаш гужвите и на пат и на граничните премини се генерално помали.
Продолжени викенди и неработни денови во Македонија за 2023 година во текот на летната сезона
Кога станува збор за неработни денови, а особено продолжените викенди за граѓаните на Македонија, вообичаено е голем број граѓани да го користат тоа време за посета на Грција. Тие денови има поголема гужва на граничните премини меѓу Македонија и Грција.
Неработните денови се следните:
• Во јуни граѓаните од православна вероисповед имаат еден неработен ден, 2 јуни, кога се празнува Богојавление. Неработен ден е петок, што значи дека ќе има можност за продолжен викенд.
• Следниот неработен ден е за Денот на Републиката - Илинден, на 2 август. Неработниот ден се паѓа во среда.
• Во август следи уште еден продолжен викенд бидејќи Голема Богородица паѓа на 28 август, понеделник.
• Последните неработни денови во летната сезона во Македонија се во септември. На 8 септември, за Денот на независноста на Македонија, граѓаните ќе имаат продолжен одмор (петок, сабота и недела).
Граничен премин Дојран
Преминот Дојран (меѓу Македонија и Грција) може да биде добра алтернатива во текот на јули и август, кога на Евзони е веќе голема гужва. До преминот можете да стигнете доколку се исклучите од автопатот кај Смоквица и преку Марвинци и Валандово возите до Дојран.
Алтернативните премини имаат помалце гужва, но понекогаш има задоцнувања и чекања и кај нив, до крајот на август кога се ближи крајот на летото и кога гужвите ќе почнат соодветно да се намалуваат.
За време на продолжените викенди, македонските граѓани во зголемен број влегуваат во Грција од четврток навечер (или петок) до сабота, додека најголем број ја напуштаат Грција во недела (т.е. понеделник) - последниот ден. Избегнувајте ги овие датуми ако можете, а ако не - наоружајте се со трпение.
Метеж на патиштата во Грција
Ако вашата дестинација е Солун, олимпискиот регион или Халкидики, треба да знаете дека во петок, Солунците, како и викендашите од Македонија, масовно одат на море за викенд. Гужвата во одморалиштата тогаш може да биде многу голема, а доста често има и судири, па редиците се бескрајни.
Попладневните часови во недела се преполни и на патиштата кон Солун кога викендашите се враќаат дома.
На 15 и 16 август, кога цела Грција го слави празникот Голема Богородица, гужвата е огромна на сите патишта, а во одморалиштата тие денови слободно сместување не може да се најде ниту за една ноќ.
Неколку совети
Ако е можно, избегнувајте да пристигнувате во Евзони во шест часот наутро по македонско време или во седум по грчко време. Во тоа време има смена на цариници и полицајци и може да се случи да чекате околу половина час да се заврши смената и покрај тоа што нема гужва.
Ако сте пушач, изгаснете ја цигарата на самата граница, извадете ги очилата за сонце кога контактирате со цариник или полицаец и задолжително спуштете го прозорецот од автомобилот додека разговарате со нив.
Откако ќе ја преминете границата, поместете ги часовниците еден час нанапред поради промената на временската зона.
Ако сте биле нервозни и сте се скарале со сопатниците, застанете веднаш штом влезете во Грција :) Пуштете убава грчка музика и уживајте!