Со новиот Закон за вселување, Германија значително ќе го олесни доаѓањето на квалификувани лица од целиот свет, а што се однесува на Западен Балкан, веќе десетици илјади лица годишно доаѓаат на работа во Германија.
Секој петти државјанин на Германија има мигрантски корени, во земјата има десетина милиони странци… па сепак Германија законски досега не е дефинирана како земја на вселување. Старото табу сега конечно пука откако партиите од Христијанско демократската унија (ЦДУ) му излегоа во пресрет на коалицискиот партнер – социјалдемократите, но и економијата на која и е неопходна работна сила.
Предлог-законот за вселување на стручна работна сила се уште не е напишан, но владејачката коалиција ги договори најважните детали. Општата оценка е дека вратите речиси ширум се отвораат за потенцијални работници од целиот свет, но не е извесно дали за луѓето од Западен Балкан кои сакаат да дојдат во Германија, нешто ќе се смени.
Кој може да дојде?
Секој кој има квалификации и најде работодавач кој би сакал да го вработи во струката од која доаѓа. Во превод, не може дипломиран инженер од Гана или Македонија да дојде за да работи во кафуле. Ниту може да дојде некој со основно училиште без никаков занает. Веќе не е неопходно работното место да биде од списокот на дефицитарни занимања ниту Сојузната агенција за работа прво да врши проверка дали на бирото за вработување постојат домашни работници кои би имале предност при вработувањето.
Што се бара?
Иако пазарот на работна сила се отвора за сите занимања претпоставка е дека и понатаму 61 дефицитарно занимање ќе биде најголем магнет за доселениците. Тоа се работни места во здравствениот систем – пред се нега на стари лица – речиси се што има врска со електрика, машинство, инсталации и се повеќе ИТ секторот. Здружението од браншата Битком наведува дека ИТ секторот во Германија моментно бара 55 илјади работници. Затоа нивното доаѓање ќе биде посебно олеснето – ним не им треба ни формално образование доколку ги имаат потребните знаења.
Што значи тоа за Западен Балкан?
Тоа е големо прашање. Само во последните три години во Германија се издадени околу 200 илјади работни визи за граѓани од шестте балкански земји од чекалницата на ЕУ, а колку ли отишле во други земји. Оние кои сакаат да ги спакуваат куферите сега само ќе имаат поголем избор на занимања. Проблем може да претставува турканицата во конзулатите каде дури и кога се има договор и работна дозвола, се чека со месеци, па и повеќе од една година.
Како да се бара работа?
Како и до сега, преку легални посреднички агенции или директно кај работодавачот или на сајтот на Агенцијата за вработување. Но, сега се отвара уште една опција – секој со квалификации може да се досели во Германија на шест месеци за да бара работа. Сепак, тој мора да има или нечие гарантно писмо или неколку илјади евра на сметка за да докаже дека во тој период ќе има од што да живее, додека не се вработи. Во тие шест месеци не е дозволено „снаоѓање“ вон струката за да се заработи нешто.
Треба ли да се знае јазик?
Тоа се уште не е дефинирано, но министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер смета дека германскиот би требало да се познава на ниво кое моментно е потребно за да се положи „тест за интеграција“, а тоа е Б1. Сепак моментно на оние од дефицитарните занимања им е дозволено да дојдат и со послабо знаење, па во рок од неколку месеци да го унапредат тоа знаење. Владејачката коалиција се согласи и дополнително да ја поттикне работата на институтот Гете и центрите кои помагаат во наоѓање работна сила – такви веќе постојат во земјите од Западен Балкан.
Што е со бегалците?
Тука копјата најмногу се кршеа и на крајот социјалдемократите мораа да попуштат – се уште нема да може некој да дојде без никакви документи барајќи азил, а потоа да се вработи и да добие работна виза. Нешто ќе се смени за луѓето кои имаат статус „Дулдунг“, буквално „трпење“, односно исклучување од присилно враќање, но и за оние на кои не им е одобрен азил, но успешно се интегрирале, работат и не можат да бидат депортирани поради одредени причини. Тие ќе можат да добијат подобар статус ако се вработат во струката. Такви во Германија има повеќе од 170 илјади.
Извор: ДВ