Сите основци од училиштата од општина Кисела Вода новата учебна година ќе ја почнат со бесплатни нови униформи, соопшти Општина Кисела Вода.
Од таму информираат дека се обезбедени средства во буџетот во висина од 5 милиони денари, кои ќе се потрошат на униформи, како дел од стратегијата за обезбедување еднакви можности за сите деца.
Во услови кога социјалните разлики се многу изразени, огромните разлики во финансиската моќ на родителите знаат да биде извор на поделби, па дури и булинг, Општина Кисела Вода излегува со мерка, која треба да овозможи намалување на нееднаквостите во училиштето и обезбедување атмосфера, во која учениците ќе може целосно да се фокусираат на своето образование, без разлика на својот економски статус, додаваат од Општината.
„Со низа мерки се грижиме училиштето да биде простор за образовен, база за иден кариерен напредок. Стимулативна средина во која учениците ќе се натпреваруваат во знаење, а не во финансиска моќ. Свесни дека социјалните разлики се сѐ поизразени, дека немаштијата затропа на многу порти, како локална самоуправа донесовме одлука да издвоиме средства за униформи за секој ученик од прво до деветто одделение. На овој начин сметам дека креираме попријатно секојдневие за сите деца, ја намалуваме нееднаквоста и ја намалуваме можноста за дискриминација, која често завршува со булинг. Ова ќе значи и стандардизација на кодексот на облекување, што е чест пример во високоразвиените земји“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека финансиско олеснување ќе има и за родителите што имаат првоодделенец бидејќи и оваа година продолжува лани почнатиот проект „Ранче за секое прваче“.
Продолжуваме и со мерката за обезбедување бесплатна училишна чанта, тетратки и училиштен прибор за секое прваче. Првиот училишетн ден треба да биде радост, а не грижа, за сите – и за ученикот и за неговите родители, без разлика на економскиот статус. Паралелно, Општина Кисела Вода го продолжува проектот и за бесплатни часови по странски јазици и спорт за социјално загрозените ученици, а за нив летово се организира и бесплатно летување на Охридското Езеро. Сетот мерки за поддршка ќе биде дополнет и со други поволности“, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.